Search

Спасовски – Валадас: Заеднички ги имплементираме најдобрите европски практики во полициското работење

Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во рамките на работната посета на Брисел оствари билатерална средба со претседателот на Советот на полициските синдикати на Европа, Рикардо Валадас.

Изразувајќи го задоволството од партнерската соработка, Спасовски ја потврди посветеноста на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија кон воспоставување и имплементирање на најдобрите европски практики во полициското работење.

„Веќе заеднички ги носиме стратешките одлуки, како и тактичките и оперативни процедури, сè со цел создавање полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните и гарант на безбедноста. Во таа насока би ја истакнал и нашата партнерска соработка преку напорите на Советот на полициските синдикати на Европа и на сите пријатели и партнери што учествуваа во подготовката на овој нов значаен документ. Уверен сум дека тој ќе ги исполни очекувањата и идеите на полициските службеници за полициското работење во Европа“, истакна Спасовски додавајќи дека предложениот модел на унапредување на полициската професија е одговор на современите безбедносни предизвици.

„Предложениот модел на унапредување на полициската професија претставува одговор на современите безбедносни предизвици. Предложените мерки и активности, кои се применливи за условите во Северна Македонија, ќе ги прифатиме како дел од редовното полициско работење“, рече Спасовски поздравувајќи ја одличната професионална соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

„Во таа насока ја праќам пораката дека сме подготвени за продлабочување на соработката и со Советот на европските полициски синдикати, а со цел да ги оствариме идеалите на новата европска полиција. Ве уверувам дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде релевантен и респектабилен партнер во регионалните и меѓународните безбедносни организации и интеграции“, рече тој.

Претседателот на Советот на полициските синдикати на Европа, Рикардо Валадас, рече дека државата во ЦЕСП има вистински партнер како во обуки и експертиза така и во делот на остварување на демократските принципи во полициското работење, а со тоа обезбедување на сигурноста и безбедноста на граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави