Search

Сеул: Голем дел од „протечените“ документи на американското разузнавање се лажни

„Значаен дел“ од доверливите документи на американското разузнавање за Јужна Кореја, кои протекоа последните недели, се „фалсификувани“, соопшти денеска канцеларијата на јужнокорејскиот претседател.

Пентагон за протекувањето нагласи дека претставува „многу сериозен“ ризик за националната безбедност на САД. Некои од објавените документи се чини дека укажуваат на тоа дека Вашингтон собира разузнавачки информации за своите сојузници, како што се Израел и Јужна Кореја.

Според извештаите на медиумите, неколку од документите откриваат загриженост кај високи јужнокорејски функционери за национална безбедност дека оружјето и муницијата произведени во нивната земја на крајот ќе се користат во Украина. Таквата можност би била прекршување на политиката на Сеул да не продава никакво оружје на земји во војна.

За време на денешниот телефонски разговор, министрите за одбрана на САД и Јужна Кореја сепак заклучиле дека „значителен број од предметните документи се фалсификувани“, се вели во соопштението за печатот на јужнокорејското претседателство.

Десетици фотографии од документите кружат најмалку неколку недели на социјалните мрежи Твиер, Телеграм и Дискорд.

Пентагон соопшти дека работи на утврдување дали документите се вистинити, додавајќи дека се чини дека најмалку еден е манипулиран.

Протекувањето ги поттикна американските власти да ги смируваат сојузниците како Јужна Кореја, која обезбедува хуманитарна и несмртоносна помош за Украина од почетокот на руската инвазија на земјата во февруари 2022 година.

Откривањето на наводните дискусии за Украина меѓу високи функционери за национална безбедност предизвика критики во Јужна Кореја за ранливоста на комуникациите во клучните администрации во земјата, како што е претседателството.

Но, канцеларијата на претседателот Јун Сук-Јол денеска се бранеше, велејќи дека ги презема „најстрогите безбедносни мерки“ и оти наводите за прислушување се „неосновани лаги“. Јун треба да замине во државна посета на САД во април.

Треба да знаете
Последни објави