Search

(Видео) Расел Кроу се соочува со злото во „Егзорцистот на папата“, филм инспириран од записи на свештеник

За лаичката јавност, многуте тврдења за водење битка со сатаната и протерување демони од телата на опседнатите, спаѓаат во сферата на фикција. Но, Расел Кроу не е толку сигурен.

Актерот бил заинтригиран кога почнал да чита за животот на реалниот католички свештеник, отец Габриеле Аморт, кој во своите книги тврди дека извршил над 50.000 егзорцизми.

„Зад себе остави цел куп искуства. Мислам дека има десетина книги. Неговото патување навистина ме фасцинираше,“ вели 58-годишниот актер, појаснувајќи зошто ја прифатил улогата.

Ликот кој го глуми Кроу во хорор филмот на „Сони“, со наслов „Егзорцистот на папата“, се заснова на книгите што покојниот свештеник ги остави зад себе, а во кои се опишани 36 години егзорцизми и други активности што тој ги вршел за Ватикан.

Иако многу од неговите религиозни врсници ја отфрлаат неговата практика, отец Аморт гордо се држи за својата титула главен егзорцист на Ватикан, која наводно му ја доделил Папата.

Отецот Аморт починал во 2016 година, а приказната на филмот се базира на неговиот живот како главен егзорцист на Ватикан и неговата борба против силите на злото.

Приказната за истерување на ѓаволот започнува кога американска вдовица, Џулија, која ја глуми ветеранката на хорор филмовите Алекс Есо, се вселува во стар замок во Шпанија со нејзините две деца и, набрзо тие добиваат повеќе отколку што се пазареле.

Реноваторите на домот упаѓаат во запечатена просторија во подрумот и ослободуваат демон кој го опседнува синот на Џулија, Хенри (го глуми Питер Десоуза Фегони).

Аморт има задача да го ослободи демонот од детето. Меѓутоа, за разлика од претходните егзорцизми, демонот се храни со сопствената вина и каење на егзорцистот.

Иако знае дека овој приказ на религиозна личност може да предизвика критики од некои, Кроу бил решен да се држи до записите на Аморт.

„Секој ќе има свое мислење, но ова се книги кои се напишани од искуство во прво лице,“ рече тој за „Ројтерс“.

Американски медиуми оценија дека новиот хорор филм на Кроу го спојува натприродното со реалното, за уникатно филмско искуство.

Расел Кроу и ѓаволот – кога реалното ќе се сретне со натприродното –  филм за демонска опседнатост, истерувач на ѓаволот и заговор во Католичката црква.

Филмот пристига во кината ширум светот на 7 април.

Треба да знаете
Последни објави