Search

„Огнените“ и официјално станаа фракција на ДУИ

Групата на членови на претседателството на ДУИ, позната во јавноста како Огнена група, ја одржа првата конференција за медиуми како Фракција. Претставниците на групата Висар Ганиу и Саранда Имери Стафаи информираа дека отсега ќе дејствуваат како фракција на организациски и политички план во ДУИ.

Ганиу рече дека сметаат дека е демократски чин да се изрази поинакво мислење, или да се функционира како посебна групација во партијата, бидејќи тоа и помага на партијата да ги исправи недостатоците во своето функционирање и ориентација во организациски и политички план, додавајќи дека ДУИ е нивен дом, во кој моментално дебатата е блокирана.

Саранда Имери Стафаи рече дека три години по ред предупредуваат дека не се почитува Статутот и Програмата на ДУИ и дека стојат пред граѓаните како фракција со ветување дека ќе бидат неоспорен глас на потребите и барањата не само на нивниот електорат, но и на сите Албанци и дека овој глас и нивната заложба нема да ги згаснуваат на ниту еден начин.

Потпретседателот на ДУИ и пратеник на оваа партија, Изет Меџити, на новинарски прашања појасни дека не ја напуштаат ДУИ, туку дека во оваа форма имаат намера да ја добијат битката внатре во партијата, убедени дека ги имаат целосните аргументи за нивното функционирање како фракција.

„Фракцијата значи дека сме дел од ДУИ, ќе учествуваме на состаноци и ќе бидеме гласни за нашите позиции”, рече Меџити. Тој предупреди дека партиските тела како Генералниот совет, Претседателството, Претседателството на Советот, ограноците и месните совети се третираат како декор, додека истакна дека политичките разлики се продлабочиле особено со неприменувањето на албански јазик, а го истакна ставот на фракцијата дека е политички момент да се тргне од Уставот дефиницијата од 20 отсто за албанскиот јазик. Фракцијата, рече Меџити, е против зголемување на платите на функционерите и бара минималната плата да биде 500 евра.

Што се однесува до Коридорот 8, Меџити одговори дека фракцијата во ДУИ го поддржува овој проект, но дека го гледа со реални очи и посакува тој да ја нема судбината на автопатот Скопје-Блаце, кој Бујар Османи и Артан Груби не успеале да го реализираат.

Организацискиот секретар Блерим Беџети на новинарско прашање што ќе прават во случај на нивно исклучување од ДУИ, рече дека тие се избрани на конгресот на ДУИ за членови на Генералниот совет и ако се земаат во предвид сите аргументи што ги објавиле во јавноста, почетна точка на поделбите е непочитување на статутот, а во случај на нивно  исклучување,  тоа според него би било демонстрација на сила, а не рационална одлука, наведувајќи дека тоа е нивно право на постапување. Беџети истакна дека имаат за цел да и пренесат на јавноста дека се во право, во апсолутно право, а фракцијата е политичко место за различно протолкување на одредени теми, и дека до тука е дојдено поради нефункционирањето на партиските органи.

Од фракцијата во ДУИ изразија незадоволство што придонесот на ОНА никаде не се споменува во Извештајот на министрите на ДУИ и ја актуелизираа непосредната потреба од изработка на закон за регулирање на статусот на семејствата на загинатите војници и и воените инвалиди.

Фракцијата на ДУИ адресираше низа предлози кои треба да се реализираат, почнувајќи со дебата за Изборниот законик и формирање работна група во Министерството за правда која треба да и овозможи на дијаспората право на глас по електронски пат, како и отворена и широка дискусија за Законот за казина во која се појаснува дека Фракцијата стои на ставот дека тие треба да бидат надвор од станбените зони.

Треба да знаете
Последни објави