Search

Шаќири: Mладите сè повеќе одбираат да изучуваат и работат во областа на информатичко – комуникациските технологии

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири се сретна со Хира Мемети, полуматурантка во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Скопје, со која разговараше за нејзините идни планови за продолжување на средно и високо образование во земјава. Деветоодделенката истакна дека себеси се гледа како успешен програмер, кој ќе гради професионална кариера во ИТ-секторот. Нејзиното образование сака го продолжи во Математичко – информатичката гимназија, информираат од Министерството за образование и наука.

– Имав прилика да разговарам со оваа исклучително талентирана полуматурантка, околу нејзините планови за иднината за продолжување на образовниот процес и градење успешна професионална кариера, по завршување на високото образование. Хира покрај редовниот образовен процес и постигнатиот успех во училиште, слободното време го користи за надоградување и стекнување знаења и вештини од областа на информатичките науки. Од тоа што го слушнав, изборот на ИТ-областа е тренд помеѓу младите и од нејзината генерација, вели министерот Шаќири во писмена изјава, по разговорот со ученичката.

Министерството за образование и наука во континуитет креира политики и мерки за стимулирање на учениците за насочување кон средно стручно образование, се додава во соопштението, креира нови образовни профили и го зголемува бројот на дуални паралелки во училиштата во земјата, а воедно и ги поттикнува средношколците, нивното образование да го продолжат на некој од техничките факултети.

– Давам целосна поддршка на сите млади кои својата иднина ја гледаат во науката, информатичката технологија и машинската индустрија, а дополнително и ќе продолжиме да ги стимулираме да останат и го продолжат својот образовен и професионален развој овде дома, каде што им е и местото. Отворивме Математичко – информатичка гимназија за талентирани млади, а доделуваме и стипендии за талентирани средношколци од овие области, како и стипендии за упис на ИТ-факултети. Тоа е иднината и затоа ги советувам сите полуматуранти, во пресрет на уписите во средно, да се фокусираат на стручните училишта и секако, понатаму да продолжат на некој од техничките факултети кои ветуваат подобра иднина тука, во својата земја, порачува Шаќири во писмената изјава. 

Треба да знаете
Последни објави