Search

ОН: Во Ирак во последните 50 години исчезнале милион луѓе

ОН денеска соопштија дека до еден милион луѓе „исчезнале“ во Ирак во последните 50 години и ги повикаа ирачките власти да ги истражат исчезнувањата, што може да биде проблем, бидејќи ирачкиот закон не го признава присилното исчезнување како кривично дело.

– Комитетот на ОН за присилни исчезнувања го повика Ирак веднаш да воспостави основа за спречување, искоренување и одговор на овие грозоморни злосторства, се вели во соопштението.

Во извештајот се наведува дека околу 290.000 луѓе, од кои околу 100.000 биле Курди, исчезнале за време на „геноцидната кампања“ на Хусеин во регионот на Ирачки Курдистан помеѓу 1968 и 2003 година, и дека повеќе луѓе исчезнале за време на инвазијата на САД и нивните сојузници во 2003 година, кога беа заробени најмалку 200.000 Ирачани, од кои речиси половина во затвори со кои управувале САД или Велика Британија.

– Затворениците биле уапсени без налог поради учество во бунтовнички операции, додека други биле „цивили на погрешно место во погрешно време“, соопшти Комитетот.

Новиот бран на киднапирања следел по прогласувањето калифат од страна на Исламската држава над дел од територијата на Ирак.

– Другите обрасци кои се во тек вклучуваат наводно присилно исчезнување на деца, особено на децата Јазиди родени откако нивните мајки биле сексуално злоставувани во камповите на Исламската држава, се вели во соопштението. 

Треба да знаете
Последни објави