Search

Русковска вели дека е разрешена зашто отворила истрага против Рашковски

Поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, изрази сомневања дека некој сакал да ја тргне од ова обвинителство кога го отворила случајот за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Случајот со предистрагата за поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми, и претресот во оваа институција, поради што беше отворена дисциплинска постапка и има предлог за нејзино разрешување, таа вели го чекале само за да ја „фатат на пенал“.

-Пријавата беше само за поранешниот директор (Арафат Муареми). Би сакала да одговорам дека во аналите на македонското правосудство ќе влезе дека за наредба за претрес од суд, која е уште во сила, одговара обвинител што досега ниту се случило ниту во иднина мислам дека ќе се случи. Можам да кажам дека оваа одлука ја очекував. Не сум изненадена воопшто. Само сакам да кажам дека уште кога се отвори истрагата за господинот Драги Рашковски, мене ми беше понудено да ме изберат за заменик-републички обвинител. Кога не го прифатив тоа, го зголемија влогот и понудија покрај мој избор за заменик-републички обвинител, и внукот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото во Скопје. Јас и тоа го одбив,рече Русковска.

Обвинителката рече дека не сака да кажува имиња на тие што ѝ ја дале понудата, но одговори потврдно на констатацијата дека биле лица поврзани со Рашковски, кои биле на позиција од која може да понудат такво нешто.

-Сметам дека само чекаа за овој период од скоро две години, да се изразам со спортски жаргон, да ме фатат на пенал, а тоа беше отпочнувањето на предистрагата за работењето на директорот на Финансиската полиција,рече обвинителката.

Дали ако прифатела, тоа ќе значело повлекување на истрагата против Рашковски односно дали е тоа она што било барано за возврат, Русковска одговори:

-Можеби и тоа беше, не можам да влегувам во умот на другите, веројатно беше. Тогашниот премиер јавно изјави дека не ми верува мене, се работеше за овој предмет. И кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев за сведок експерт. Не беше прифатен како сведок, а како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми,рече Русковска.

Треба да знаете
Последни објави