Search

Приведен дописник на „Волстрит журнал“ во Русија, властите тврдат дека шпионирал

Американски новинар кој работи за „Волстрит журнал“ е официјално уапсен во Русија и обвинет за шпионажа.

Еван Гершковиќ е искусен новинар од Русија, работел во Екатеринбург кога бил приведен.

Гершковиќ пред судот изјави дека не е виновен за шпионажа, пренесе државната новинска агенција ТАСС.

Судот му одреди на Гершковиќ да биде во истражен притвор речиси два месеци до 29 мај, стои во судскиот документ.

На адвокатот што го застапува Гершковиќ не му беше дозволено да присуствува на рочиштето, јави ТАСС.

„Ми рекоа дека веќе му доделиле адвокат“, рече адвокатот, пренесе „Си-ен-ен“.

„Волстрит журнал“ објави дека е „длабоко загрижен“ за неговата безбедност и силно ги негираше обвинувањата против него.

Захарова: Активностите на дописникот не беа поврзани со новинарството

Активностите на новинарот на „Волстрит журнал“, кој беше приведен во Екатеринбург, не се поврзани со новинарството, напиша денеска на својот канал Телеграм портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Она што го направи вработениот во американското издание немаше никаква врска со новинарството. За жал, ова не е првпат статусот на странски дописник, новинарска виза и акредитација, странските државјани во нашата земја да ги користат за прикривање на активности кои не се новинарство. Ова не е првиот познат западен поединец кој е фатен на дело“, нагласи Захарова.

Според руските власти, било утврдено дека Гершковиќ како агент на американската страна собирал строго доверливи податоци за активностите на компаниите на руски воено-индустриски комплекс.

Треба да знаете
Последни објави