Search

Милошоски: Не може деканот да биде член на Извршен комитет на СДСМ, Ралев да се повлече или да се затвори Факултетот за архитектура

Професорот Мишко Ралев го прекршува Законот за високото образование оти извршува функција декан додека истовремено е член и на Извршниот одбор на СДСМ. Ова го тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Тој на Комисијата за надворешни работи посочи дека во ваков случај министерот за образование, Јетон Шаќири, може да донесе и одлука за затворање на високобразовната установа ако законитоста не се исправи.

„Пред два дена добив одговор од министерот за образование на мое прашање дали смее декан или продекан на факултет да биде член на политички орган на политичка партија. Одговорот на Јетон Шаќири е дека: ‘Во согласност со Законот за високото образование вршењето на должноста декан/продекан е неспојливо со вршење функција во политичка партија’. Но, како што гледаме, Мишко Ралев како декан на Факултетот за архитектура е член и на Извршниот одбор на СДСМ, орган на политичка партија. Според Статутот на СДСМ, член 33, пишува: Извршниот одбор е политичко-извршен одбор на партијата. Сметам дека со ваквото признание на министерот за образование, Мишко Ралев како декан го прекршува Законот за високото образование, каде што вршењето на функцијата декан е неспојливо со членување во орган на политичка партија“, посочи Милошоски.

Тој дополни дека ако се прекршува Законот за високото образование, министерот може привремено да ја затвори високообразовната установа – Факултетот за архитектура на Американ колеџ или да им даде рок незаконитоста да се исправи.

„Апелирам на седницата, бидејќи разговараме за верификација на високообразовни дипломи, Факултетот за архитектура и дизајн да не го прекршува Законот за високото образование и деканот да избере дали сака да биде декан на независен и автономен факултет или сака да биде член на извршен орган“, додаде тој.

Упати и апел до министерот Шаќири да постапи во согласност со законот.

„Да побара од Факултетот да постапи законито или во спротивно Министерството има право привремено или трајно да ја затвори институцијата. Сметам дека ако во регионот сакаме да се натпреваруваме во образованието, треба да не им создаваме непријатности на студентите и со ваква незаконитост да ги доведуваме во прашање нивните дипломи или кредибилноста на Факултетот, чиј декан го прекршува законот“, посочи Милошоски.

На ова реагира Лидија Тасевска од СДСМ.

„Сè е во ред со вашите истражувања и дали нешто е во согласност со законот. Гледам дека упатно сте се упатиле кон министерот за образование, но тоа не е поврзано тесно со оваа точка што ја разгледуваме. И, вчера, впрочем, беа пратеничките прашања и можевте да го актуализирате“, рече таа.

Возврати и Милошоски.

„Да, ова е пратеничко прашање на кое сум добил одговор. Мојата улога како пратеник е исполнета. Исто и на министерот за образование, кој потврдува дека деканот Мишко Ралев го прекршува Законот за високото образование“, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави