Search

Шукова: Активно сме вклучени во Регионалната платформа за управување со крупни месојади во Динарскио-Балканско-Пиндскиот регион

Третата работилница на Регионалната платформа за управување со крупни месојади во Динарскио-Балканско-Пиндскиот регион денеска се одржа во Скопје. Оваа работилница е оценета како клучна за натамошниот развој и функционирање на Платформата, информираат од Министерство за животна средина и просторно планирање.

– Од формирањето на оваа платформа до денес расте бројот на држави што се приклучуваат кон неа, како и бројот на заинтересираните страни. Во 2018 година, регионалните власти и засегнатите страни изразија желба за поформализирана структура за соработка во управувањето со крупните месојади. Оттогаш, низа актери работеа заедно за воспоставување на Платформата, а земјите членки се огласија и ја основаа на нивната прва конференција во ноември 2021 година, посочуваат од МЖПП.

На денешната конференција присуствуваа шеесетина претставници на сите 10 земји членки од Динарскио-Балканско-Пиндски регион: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Словенија, Грција и Бугарија.

– Зачувувањето на крупните месојади, колку и да звучи претенциозно всушност значи индикатор за состојбите со зачувувањето на биолошката разновидност, а управувањето со големите месојади, останува приоритет на високо ниво и е во согласност со Глобалната рамка за биолошка разновидност, Зелената агенда за Западен Балкан и Европскиот зелен договор,  истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во поздравното обраќање.

Таа потенцираше дека Министерство за животна средина и просторно планирање е активно вклучено во активностите на оваа регионална платформа, бидејќи заштитата на природата и биолошката разновидност не познаваат граници.

– Министерството и покрај тоа што во националната легислатива за заштита на природата го има трасирано патот по кој ќе ги постигне националните цели, развива широка соработка со меѓународните институции и се вклучува во европските меѓународните мрежи, велат од МЖСПП.

Оттаму нагласуваат дека Динарскиот регион е еден од најбогатите региони во Европа во однос на бројноста и диверзитетот на биолошката разновидност и претставува дом на три видови крупни месојади (мечка, волк и рис). Во овој контекст, платформата Динарско-Балканско-Пиндски регион ќе продолжи како стратешко тело за регионална соработка, за размена на информации, координација на мониторинг, координација на управување, поддршка на усогласеноста со барањата на меѓународните и законите на ЕУ и поддршка на спроведувањето на прекуграничното „управување на ниво на популација“.

-На денешната конференција ќе се зацртаат правците и начините на понатамошното функционирање на Платформата, велат од МЖСПП. 

Треба да знаете
Последни објави