За Бугарија, непринципиелна е одлуката да се избрише „Иван Михајлов“ од Регистарот

Бугарското Министерство за надворешни работи ја оцени како непринципиелна и тенденциозна одлуката на македонските власти за бришење на бугарското здружение „Иван Михаилов“ во Битола од Централниот регистер.

Министерството изрази силна загриженост поради, како што велат, доследните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница.

„Институциите во Скопје не изнесоа никакви вистински аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија. Тие ја донесоа својата одлука единствено и само со еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен, историски и идеолошки контекст“, изјави бугарскиот заменик-министер за надворешни работи, Костадин Коџабашев.

Тој не се согласува со оценките и квалификациите за името „Иван Михајлов“ и, според него, обвинувањата за антисемитизам се особено неосновани.

Со законот се забранува основање организации, што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Претходно, Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов. Од тука образложија дека името на бугарскиот клуб претставува провокација за националните чувства на македонскиот народ, со оглед на тоа што се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.

Бугарскиот клуб веќе најави дека правдата ќе ја бара во Меѓународниот суд за човекови права.

Треба да знаете
Последни објави