Search

„Навиваше за мене и тогаш кога не требаше, се гледаме стари“, напиша Џамбазов за Мешковски

Доајенот на македонското глумиште Димче Мешковски почина по долго боледување во својот дом во Лос Анџелес, САД. Колегите актери преку социјалните мрежи се простуваат од легендарниот актер.

Меѓу нив е шоуменот Игор Џамбазов кој вели дека Мешковски го прифатил како син, и тогаш кога не требало.

-Збогум, драг мој Мешко. Има ли име ова? Оваа тага… Низ главава ми експлодираат спомени. Претстави, филмови, серии, радио драми, легендарното Хихирику, тезги, софри, песни, гитари, бесконечни партии карти во театарот. И многу ќеф. Што те познавав, што ме прифати како син, и што навиваше за мене и тогаш кога не требаше. Се гледаме стари…, напиша Џамбазов на Фејсбук.

Актерката Весна Петрушевска порача дека ќе го памети по големата љубов кон сопругата и неговите две ќерки.

„Си замина и Мешко, ќе те паметам по насмевката, твојата воздржаност,огромната љубов кон Марика и твоите две ќерки. Добар татко и одличен глумец. Мешко баш те сакав, аплауз и слава ти“, пишува актерката во својата објава.

Комеморацијата за почитуваниот актер Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмски театар Скопје на 28 март 2023 година со почеток во 12 часот.

Треба да знаете
Последни објави