Search

Мицкоски: Ниедна регионална иницијатива не е замена за полноправното членство во ЕУ

Немаме информации за суштината на иницијативата „Отворен Балкан“, но сметаме дека таа никако не смее и не треба да биде замена за полноправно членство на земјата во ЕУ, истакна денеска во Охрид претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Секоја регионална иницијатива која што значи подобрување на квалитетот на животот, на стандардот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е тука да ја поддржи. Дали е оваа таква иницијатива, не знаеме бидејќи немаме буквално никакви досега информации. Ниту пак мислам дека јавноста знае нешто поврзано со оваа иницијатива, изјави Мицкоски во Охрид, каде заедно со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков извршија увид на градежни активности на улицата „Ѓорче Петров“.

Сепак, според него, останува нејасно како ќе функционира оваа иницијатива кока две од државите членки на оваа иницијатива имаат спор.

– Мислам дека денеска тука во Охрид се случуваат разговори поврзани со тој спор, а тоа е косовското прашање. Така што има многу вака работи кои што јавноста не ги знае, кои што се поврзани со оваа иницијатива „Отворен Балкан“. Но, тоа никако не смее да биде и не треба да биде замена за полноправно членство на Македонија во рамките на ЕУ, додаде Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави