Search

Враќање и задржување на домашниот млад високообразован кадар од Словенија во Македонија…И КАКО

Да се најде перспектива и мотивација, студентите коишто студираат во Република Словенија да се вратат во Република Северна Македонија, беше суштинска цел на денешниот настан и две панел-дискусии, насловени како „Враќање и задржување на домашниот млад високообразован кадар од Република Словенија во Република Северна Македонија … И КАКО”.

Главен организатор на настанот е Амбасадата на Република Словенија во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Економски факултет, Универзитет Љубљана (School of Economics and Business – SEB LU). Иницијатори и главни големи поддржувачи на овој проект и на денешниот настан се НЛБ Банка Скопје и Триглав Осигурување Скопје.

Овој настан е континуитет на првиот настан, одржан на 3 март 2023 во Љубљана, каде што директорите на НЛБ Банка Скопје, на Триглав Осигурување Скопје и на Сава Осигурување Скопје, остварија директна средба и на студентите им ги презентираа потребите и условите кои ги нудат нивните компании за вработување и развој на идните млади кадри. На оваа средба, присутните студенти изразија задоволство и интерес за поврзување со компаниите и изнесоа конструктивни предлози за креирање подобар работен амбиент за привлекување на младите образовани луѓе и нивен развој во словенечките компании кои се присутни во Република Северна Македонија.

Учесниците на панел дискусијата разговараа за тоа што е потребно да се направи за студентите, по завршување на своите студии во Словенија, да се вратат во земјава и да ја градат својата професионална кариера во некои од јавните институции и во словенечките компании дел од бизнис заедницата во Република Северна Македонија.  

Н.Е. Татјана Ковачич, В.Д. Амбасадор на Република Словенија, изнесе неколку важни податоци. „Словенија и Северна Македонија се традиционално пријателски земји и важни економски партнери. Северна Македонија е една од приоритетните земји на Словенија во областа на развојната соработка. Имено, од 2010 година до денес, Северна Македонија има добиено приближно 37,7 милиони евра помош за развој од Р. Словенија. Особено е важно што заедно нудиме перспектива на младите од Северна Македонија. Во Словенија, оваа учебна година студираат 1.443 студенти од Северна Македонија. Наша желба е овој високообразован кадар, по завршување на студиите, да се врати во Северна Македонија и да помогнат во понатамошниот развој на државата”.

За потребите на бизнис заедницата и нејзиното поврзување со идните млади високообразовани кадри, говореше д-р Елена Милевска Штрбевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, според која станува се појасно и очигледно дека 21-от век е време на интелектуална конкурентност. „Денешниот настан е мал придонес кон заедничките напори на сите општествени чинители да се спречи одливот на мозоци од земјава, а младите умови кои своето образование го надградиле во Словенија, да се задржат во земјава и да се искористи нивниот потенцијал. Стопанската комора, преку спроведување на концептот наречен „Комора на иднината” е мост помеѓу бизнисот и младите високообразовани кадри и тоа на дело го покажува преку активностите на неодамна формираниот Совет за унапредување на високото образование, воспоставување Берза на трудот и бројни други активности во кои образованието по мерка на бизнисот е во фокусот на нашето работење. Изострената конкуренција на пазарот на трудот успешно функционира во приватниот сектор. Но, нашите заложби, како претставник на бизнис-заедницата, се да се инвестира во научно-истражувачки институти и лаборатории кои претставуваат потреба на бизнисот, да се создадат услови за апсорбирање на високостручни квалитетни кадри од страна на државните институции, кои исто така се неопходни за функционирање на бизнисот и да се подобри квалитетот на животот како целина, за да ги вратиме нашите млади во земјава”.

М-р Војдан Јорданов, Друштво на Словенечко-Македонски стопанственици и Извршен директор Триглав осигурување АД, Скопје, во име на присутните словенечки компании во земјава, истакна дека нивните членки секојдневно вложуваат напори да ги привлечат и задржат високо образованите кадри, бидејќи нивниот одлив е забележлив и значајно влијае на продуктивноста на компаниите. „Последните неколку години може да се забележи дека голем број млади луѓе од Македонија се одлучуваат за словенечкиот образовен систем. За нас тоа значи ризик од губење на интелектуален капацитет, кој што ѝ е неопходен на Македонија, но од друга страна и можност за поврзување на знаењата и искуствата од двете земји. На денешниот настан ги разгледуваме искуствата и политиките кои што ќе придонесат кон зголемена атрактивност на македонските компании за нашите студенти во странство. Како словенечки и македонски компании, особено сме мотивирани да ги привлечеме токму нашите студенти од Словенија, кои би придонеле кон премостување на разликите во праксите и знаењата помеѓу двете економии”.

Поради неможноста за физичко присуство на настанот, неколкумина студенти кои што моментално се на студии во Република Словенија, преку снимено видео, испратија свое видување и идеи за она што е потребно да се создаде или измени од страна на државата и компаниите во однос на оваа проблематика. Исто така, информираа дека од септември 2022 година оформиле „Македонска студентска  организација во Словенија” за полесна интеграција и поврзување со бизнис заедницата. Студентите ја понудија својата подготвеност за активно учество, заедно со релевантните фактори и компаниите, во креирање на поповолни услови за работа и подобра економска состојба во Р.С. Македонија.

Треба да знаете
Последни објави