Search

Велешанецот кој пијан на пешачки усмрти девојче па избега призна вина и побара поблага казна

Признавам вина и му се извинувам и на семејството и на јавноста. Ова се зборовите пред велешкиот суд на 30 годишниот Ангелче Николов, кој на 17 декември лани, возејќи пијан, на пешачки премин ја усмрти 11 годишната Магдалена, а тешко ја повреди нејзината мајка, објави ТВ 24.

На денешното прво рочиште, Николов кажа дека е свесен за последиците од признанието, дека ќе добие затворска казна и дека ќе треба да плати отштета и трошоци.

Со признанието на вина, денеска во судот не се сослушување сведоци. Обвинителката Славица Темелковски во воведниот и во завршниот збор побара од судот при изрекувањето на пресудата да го има предвид тоа што Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба и тоа што два дена се криеше од органите за прогон.

Обвинителката Темелковски рече дека во моментот на несреќата, во автомобилот на Николов имало и други луѓе, но тие не се предмет на обвинение, оти немало докази дека тие имале било каква врска со кривичното дело.

Адвокатот на оштететеното семејство Јанаки Митровски побара од обвинителство да истражи кој го криел Николов два дена. Тој не де согласи со квалификацијата на повредата на мајката на малата Магдалена и смета дека таа се здобила со тешка телесна повреда.

Бранителот на Николов, адвокатот Андреја Весов побара од судот да ги смета како олеснителни околности тоа што тој го призна делото и дека сам се пријавил во полиција.

Судијката Габриела Гајдова пресудата ќе ја донесе на 17 март, во 12 часот.
Несреќата се случи на 17 декември, кога Николов, возејќи со голема брзина и пијан, на улицата „Борис Трајковски“ во близина на велешкото училиште „Васил Главинов“, на која е ограничено движењето на 30 километри на час, на пешачки премин удри во мајката и ќерката, а нивниот татко и сопруг за влакно го избегнал ударот. Малата Магдалена од местото на ударот била отфрлена дваесеттина метри и веднаш починала. Нејзината мајка, која на пешачкиот премин била еден чекор понапред, тешко беше повредена.

По несреќата, Николов избега и два дена се криеше, по што сам се предаде во полиција. Истражните органи го идентификуваа уште вечерта, откако на местото на несреќата беше пронајдена регистсрската табличка на неговиот мерцедес.

Остра реакција на социјалните мрежи имаше адвокатот Јанаки Митровски кој го застапува семејството. Тој ја искритикува обвинителката.

„Во воведни зборови, наместо да се концентрира на обвинетиот, јавниот обвинител Славица на скандалозен начин се обиде да ме шиканира, осврнувајки се на тоа зашто нема кривичен прогон за селаните кои го криеја како и за сопатниците кои се вратија на лице место, а не сакаа да го откријат идентитетот. Возилото е пронајдено поради испадната регистрација, а да не беше тоа случај? Па така јавниот обвинител Славица кажа дека обвинителството не било рекла казала, или фејсбук институција јасно алудирајки на моето алармирање преку социјалнми мрежи. Единствено мојата почит кон судијките Габриела и Валентина кои се одлични судии ме спречија да реагирам како што знам и умеам бидејки одамна сум се решил дека нема да дозволам никој да ме гази“, напиша Митровски.

Треба да знаете
Последни објави