Search

Бектеши: Од утре тестенините и млечните производи ќе бидат поевтини за 15 и 10 отсто

Министерот за економија Крешник Бектеши е сигурен дека од утре цените на тестенините и млечните производи во малопродажбата ќе бидат намалени согласно владината одлука, за 15 и 10 отсто. Тој потсети дека оваа мерка е донесена врз основа на детални анализи и ниту една компанија, како што напомена, не трпи штети.

-Сигурен сум дека владината одлука ќе се применува. Ги убедувам граѓаните дека цените на млечните производи и тестенините ќе бидат согласно утврденото намалување, а земјоделците и компаниите нема да бидат оштетени. Компаниите само нема да имаат дел од планираните профити. Утре очекувам во маркетите сите да работат согласно мерките, истакна Бектеши во вечерашното гостување на ТВ Телма.

Според него, не се очекува недостиг на производи иако Министерството за економија има механизми со кои може да реагира веднаш.

Бектеши очекува до петок да завршат анализите кои треба да покажат дали ќе се замрзнат цените на шекерот, јајцата и зејтинот.

Како што рече вечерва Бектеши во гостување на телевизија Телма, се чекаат дополнителни податоци од стопанските комори и Царинската управа.

-Не се завршени анализите. Очекувам до петок да бидат завршени. Очекуваме дополнителни податоци од коморите и Царинската управа. Тогаш ќе ја информираме Владата. Ако има простор за намалување на цените, тоа ќе го направиме. Моментно никој не работи со загуби, но, повторно ќе кажам, додека не ги имаме сите влезни податоци нема да носиме одлука. Главно производителите се повикуваат на цената на сојата и на пченката. Кај цените на пченката на светските берзи има намалување, а спротивно е за сојата, истакна Бектеши.

Според него, анализи за цените на месните производи, овошјето и зеленчукот во Министерството за економија не се прават.

-Министерството за економија нема механизми за мерки во делот на овошејто и зеленчукот. Разговарав со министерот Љупчо Николовски Министерството за земјоделство да направи анализи. Ако МЗШВ има конкретен предлог, ќе го прифатиме. Истото ваќи и за месните производи, подвлече Бектеши.

Треба да знаете
Последни објави