Робињо избега пред да го уапсат за да отслужи 9 години затвор поради силување

Бразилската полиција трага по поранешниот фудбалер Робињо (38), поранешна голема фудбалска ѕвезда со 100 настапи за националниот тим, за да го спроведе во затвор. Робињо е осуден на девет години затвор за силување во Италија.

Министерството за внатрешни работи на Бразил издало налог за апсење на Робињо и спроведување во затвор за издржување на казната, но никаде не може да го најде поранешниот фудбалер.

Тие го барале на адресата каде што живее, и на адреси каде што би можел да престојува, но ниту трага, ниту глас од поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Милан и Манчестер Сити.

Италија бараше екстрадиција на Робињо, но Бразил не ги екстрадира своите државјани, нема билатерален договор со италијанците за такво нешто. Бразилското министерство за правда им порача на колегите од Италија дека Робињо може да ја отслужи казната во бразилските затвори. Италија го прифати тоа, а Бразил му забрани на фудбалерот да ја напушта државата, но сега проблем е што фудбалерот го нема.

Адвокатот на силуваната жена, Јакопо Гноки, тогаш изјави: „На мојот клиент не му е важно дали казната ќе се издржува во Бразил или Италија. Важно е правдата да биде спроведена и казната да биде целосно извршена.” На Робињо не му било грижа, па штом дознал дека можеби ќе биде уапсен, исчезнал и прашање е дали се уште е во Бразил.

Силувањето за кое е обвинета поранешната фудбалска ѕвезда се случило во 2013 година во познат ноќен клуб во Милано, а во него учествувале вкупно шест силувачи, но само Робињо и уште еден биле осудени.

Робињо бил на роденден со сопругата и пријателите, а жртвата ги познавала од порано била со двајца пријатели. Кога пријателите си заминале, Робињо ја однел сопругата дома и се вратил на забавата, каде со пријателите ѝ дале алкохол на жртвата додека „не била немоќна да им одолее“.

Во своја одбрана, Робињо тврдел дека нема докази дека жртвата не се согласила на секс и дека доброволно консумирала алкохол. Веродостојноста на неговите зборови значително ја губи својата вредност бидејќи се знае дека Робињо во 2009 година додека играл за Манчестер Сити бил обвинет за силување, но обвиненијата биле отфрлени.

Треба да знаете
Последни објави