Search

Бубевски: Двојното убиство во „Шиша бар“ е пресметка за позиционирање на нарко-пазарот

„Во овој момент не можам да кажам повеќе освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на нарко-пазарот кој очигледно е многу важен за таквите структури“, рече во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски

Обвинителот вели дека за предметот да премине од фаза на предистрага во истрага, клучно е да се знаат конкретните сторители на кривичното дело

За шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, станува јасно дека случајот со двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија е пресметка за позиции на нарко-пазарот. Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат тој рече дека, сепак, надлежните сè уште ги истражуваат мотивите.

„Органите на откривање и органите на прогон работат на повеќе аспекти и повеќе размислувања – зошто е дојдено до тој настан од аспект и на тоа кои се лицата кои се жртви, зошто некој би имал мотив овие лица да ги лиши од живот и криминалистички се обработува во повеќе насоки. Во овој момент не можам повеќе да кажам освен тоа дека се кристализира дека се работи за позиции на нарко-пазарот кој очигледно е многу важен за таквите структури“, вели тој.

На прашањето дали настанот е поврзан со претходни случаи што се јавно експонирани, Бубевски одговори дека има такви индиции.

„Можеби, како индиција може да се направи некаква конекција, меѓутоа тоа криминалистите, секако, ќе треба да го испитаат и со конкретни форензички доказни материјали што треба да се видат и од поранешни убиства што си уште ги немаме решено – дали можеби ќе се совпаднат одредени чаури, одредено оружје, одредени, можеби, куршуми ако се извадени за анализа“, додаде Бубевски.

За предметот да премине од фаза на предистрага во истрага, клучно е да се има конкретни сторители на кривичното дело, вели обвинителот.

„Кога би дошле до сознание кои се извршители и кои се евентуално нарачатели на ова кривично дело, во тој случај веќе се отвора истрагата и продолжува формалната постапка што си има свои посебни правила на постапување“, вели Бубевски.

Двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи во понеделникот на 6 март. Убиени се две лица, а едно е повредено. Според неофицијалните информации, убиените се Јетон Кривањева и Енес Исени, што соодветствува на иницијалите што ги соопшти полицијата.

Треба да знаете
Последни објави