Search

Грковска пред Постојаниот Совет на ОБСЕ во Виена: Жените да останат на фронтот во борбата за добро владеење 

Заменичката на претседателот на Владата, Славица Грковска, задолжена за политики за добро владеење, се обрати пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена на кој фокусот беше ставен на женските права и состојбата со родовата еднаквост и корупцијата, при што истакна дека стекнатите права како најголема цивилизациска придобивка мора постојано да се штитат од прекршување или одземање.  

„Борбата на жените трае со векови и тие постојано поместуваат граници, затоа што едноставно мораат. Се борат против нееднаквоста, насилството, економската и политичката немоќ, против исклученоста од процесите на одлучување. Истражувањата покажуваат дека таму каде што правата на жените се уживаат целосно, таму каде што жените се застапени во носењето одлуки корупцијата е пониска. Тој што е против унапредувањето на човековите права, е против напредокот на целата заедница, бидејќи цели кон исклучување на групи од социјалните текови. Тие што вршат сексуална изнуда врз жени или ги држат во ропство, со сигурност се вмешани и во други форми на корупција”, нагласи вицепремиерката Грковска.

Во контекст на темата, таа потсети на Кетрин Џонсон, жена херој, која успеала со своето знаење, упорност, непокорност, да ги надмине сите пречки со кои се соочила на својот професионален пат и буквално да го освои американското општество.  Таа била првата жена-афроамериканка која, на крајот на педесеттите и на почетокот на шеесеттите години од минатиот век, во централата на НАСА, со своите математички знаења и вештини, го дала најзначајниот придонес за развојот на вселенската програма, што се смета за еден од најголемите успеси на човештвото. Нагласи дека Кетрин се соочувала со различни форми на дискриминација – полова дискриминација, расна дискриминација, и тоа во исклучително тешки времиња кога за човековите права од оваа перспектива воопшто не се ни разговарало, а жените во науката биле застапени на ниво на статистичка грешка.

„Да не заборавиме и дека силите кои се залагаат за регрес на правата на жените или маргинализираните групи, всушност се антидемократски сили и во себе го носат поривот за надмоќ, за владеење со сила, за селективност и затвореност. Тоа не е владеење какво што посакуваме, затоа што тоа им штети на луѓето, на мирот, на слободите. Затоа жените мора да бидат на фронтот на борбата за добро владеење”, додаде Грковска во своето обраќање.

Таа истакна дека жените мора да продолжат да се борат за себе, но и да градат сојузништва за борба против појавите и практиките кои го минираат развојот, како што е корупцијата. Бидејќи таа е силен фактор кој го прави невозможен излезот од сиромаштија и поради кој луѓето немаат подеднаков пристап до добра, услуги и прилики за развивање и подобар живот и стандард. 

Треба да знаете
Последни објави