Search

Ковачевски:  Со договорот за изградба на коридорите  8 и 10 д. добиваме нови 110 километри современ автопат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, одржа прес-конференција по повод потпишувањето на Договорот за изградба на Kоридор и Коридорот 10 д.

Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Ми претставува огромна чест и задоволство, што, денеска со потпишувањето договорот за Коридорот 8 и Коридорот 10 д со конзорциумот „Бехтел и Енка”, стартуваме со реализација на еден од најголемите инфраструктурни проекти во нашата држава.  

Ова е историски инфраструктурен проект, со кој исполнуваме една голема стратешка определба, од што пред се бенефит ќе имаат граѓаните, компаниите, но и целокупната економија.   

Со изградбата на делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10 д, Северна Македонија добива европски, модерни автопати, со коишто државата ќе стане уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута.

Вредноста на овој крупен капитален проект изнесува 1,3 милијарди евра. Вкупната должина на делниците опфатени со овие коридора е речиси 110 километри. Или конкретно по патни правци:

Делницата Тетово- Гостивар е во должина од над 17 километри, Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, делницата Требениште – Струга – Ќафасан е близу 22 километри и патниот правец односно автопатот Прилеп – Битола е во должина од речиси 40 километри.

Сега, со изградбата на овие четири нови, модерни автопати, овозможуваме поврзување со нашите соседи, а преку тоа и поврзување со важните поморски трговски пристаништа.

Северна Македонија е природна крстосница, низ која поминуваат двата европски Коридори 8 и 10. Токму ваквата стратешка позиција на Балканот, нѐ прави да сме клучна точка за транзиција, од една страна, како порта за Европа, од друга, преку поврзувањето на Црното со Јадранското море.

Затоа и се фокусираме на изградбата и финализацијата на овие два клучни коридори, бидејќи со нивната изградба ја градиме европската иднина на нашата држава, но и иднината на соседите од регионот. 

Оттаму, нашата цел како Влада е да создадеме квалитетна патна инфраструктура и проекти кои се трајна инвестиција. 

Во последните 32 години, во државава, се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати. Со овој договор, за нецели 5 години, градиме 110 километри, модерни, европски, автопати. Разликата е повеќе од очигледна.

Како што ветивме, така и остануваме на нашите определби, годинава да се фокусираме на подобрување на сообраќајното, патното, инфраструктурно локално, национално, регионално и меѓународно поврзување на нашата држава. 

Затоа што квалитетните патишта го олеснуваат не само животот, туку влијаат и ги подобруваат сообраќајот, трговијата, еконoмијата. 

Затоа ставаме силен фокус на инвестиции во инфраструктурата, затоа што развиена инфраструктура значи и развиена економија и развиена држава.

 Во моментов се градат и рехабилитираат  експресни, магистрални и регионални делници, а активно тече и изградбата и реконструкцијата на дополнителни автопати во должина од 59 километри.

Во тек е реализација на автопатот Скопје –Блаце, кој чини 12,18 милиони евра. Се забрза и процесот на железничкото поврзување и доизградба на Коридорот 8. 

Во тек е изградбата на прва и втора фаза на железничката пруга кон Република Бугарија, со вкупна инвестиција повеќе од 600 милиони евра.  Ова е историска, најголема инвестиција досега, со која овозможуваме алтернативна пруга за домашните компании, за поевтин и побрз транспорт.

Ова се реални, вистински проекти, кои се реализираат. Со патиштата кои ги градиме, со инфраструктурата која ја обезбедуваме, овозможуваме нашата држава да стане уште позабележителна на светската инвеститорска мапа.

За мене, како премиер на проевропска Влада е поголема честа што овие наши зафати, кои се едни од најголемите во нашата историја, ќе останат врежани не само на хартија, туку и во колективната меморија на нашиот народ, кој знае да ги препознае и цени добрите дела.

За крај, посакувам успех во изградбата на новите автопатските делници од Коридорите 8 и 10 д, на компаниите кои ќе го градат „Бехтел и Енка”,  уште многу вакви успешни проекти кои ќе овозможат подобра иднина за нашите граѓани!

Треба да знаете
Последни објави