Search

Хаосот во градскиот превоз не го решија, ама на миленичињата во автобуси не им дадоа место

Иако хаосот во јавниот сообраќај се уште ги мачи скопјани, едно гајле помалку за градските советници во однос на Јавното сообраќајно претпријатие. По вчерашната одлука на Град Скопје да распише нов повик за приватните превозници во јавниот превоз, денеска советниците во Советот на Град Скопје не ја прифатија иницијативата на „Зелен хуман град“ за кучиња и мачиња да се возат во автобусите на ЈСП Скопје.

Според советниците, во моментов во јавниот превоз нема услови за возење на граѓаните, а не за домашни миленици.

Сепак, по најновите случувања на релација Арсовска и приватните превозници, се чини дека по четиримесечниот хаос конечно ќе се нормализира јавниот градски превоз во Скопје. Градоначалничката со тендерот практично призна дека ЈСП нема доволно автобуси за да се задоволат сите лини па пак бара помош од приватниците.

По неуспешните два распишани јавни огласи од страна на градот на кој што не се јави ниту еден приватен превозник, на најновиот јавен оглас ќе има заинтересираност.

Приватните превозници скоро месец дена ги блокираа скопските улици барајќи си го долгот од градот во висина од 1,5 милиони евра. Арсовска за овие блокади рече дека блокадите биле од лични и политички причини.

– Апсолутна причина за блокадите беа дел лични, а дел политички мотиви. Не сакам да навлегувам во оние манипулации кои беа пласирани во јавноста, но таму има тековни побарувања. Вие кога имате склучено договор, за тој договор имате авансно фактурирање, тоа се недостасани обврски. За сето она кое што е тековно побарување од новиот договор, и она од претходниот договор, јавните превозници и ЈСП изнајдоа заеднички начин, продолжуваат понатаму, и тие обврски тековно ќе си бидат исплаќани како што тоа било наназад изминатите триесеттина години – рече градоначалничката.

Арсовска најави возобновување на јавниот превоз во Скопје и  веќе формирале работни тимови кои ќе бараат решенија за сите предизвици.

– На наше големо задоволство, а верувам и на спротивната страна, најдовме заедничка платформа како да продолжиме понатаму. Соработката продолжува и на повеќе останати теми на кои треба да разговараме, особено имајќи предвид дека следи една голема реформа на јавниот превоз. Сакаме да се прилагодиме во целост на оние еко-стандарди што се неопходни за граѓаните да имаат не само квалитетен и брз јавен превоз туку еколошки јавен превоз кој што ќе биде во насока на тоа да имаме почиста и поздрава животна средина, најави Арсовска.

Иако даде зелено светло за приватниците, Арсовска и понатаму тврди дека нема долг кон превозниците, а тој став има поддршка од приватните превозници.

Претставникот на превозниците, Јовица Зафировски кажа дека нема долг кон нив,  односно дека долгот е на Јавното сообраќајно претпријатие и дека тоа тековно ќе се решава. Тој тврди дека во договорот нема вклучено исплаќање на долгот со камати.

Дали приватниците ќе се вратат на улиците ќе се види во април, а тогаш ќе се знае дали ќе ги добијат парите од долгот.

За април е одложено судењето по тужбата од „Слобода превоз“ против ЈСП за долг од еден милион евра, поднесена во ноември лани.

Причина за одложувањето на почетокот на судскиот процес е по барање на ЈСП. Од јавното претпријатие пред судот побарале одложување бидејќи не им било завршено вештачењето.

Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски во изјава за 24Инфо тогаш рече дека било очекувано такво нешто и дека Арсовска и ЈСП ќе направат се за да се одложи судењето.

Претходниот состав на претставниците на приватните превозници на чело со Ленин Јовановски кој што беше ,,десна рака” на Арсовска за време на предизборната кампања за градоначалник на Скопје, беше во немилост на градоначалничката и одбиваше да седне и да разговара за надминување на проблемите, но ги прими на разговор откога избраа нови претставници за преговори.

Треба да знаете
Последни објави