Search

Иран во првите два месеца од годината егзекутирал повеќе од 90 лица

Од почетокот на 2023 година иранските власти егзекутирале најмалку 94 лица, соопштија Амнести интернешнал и иранската невладина организација „Центар Абдорахман Боруманд“, предупредувајќи на „значителен раст“ во споредба со истиот период минатата година.

„Властите само од јануари до февруари егзекутирале најмалку 94 лица“, покажуваат информациите собрани од двете организации за човекови права, кои во соопштението зборуваат за „страшни наводи за сексуално насилство и други видови злоупотреба“ со цел да се изнуди признание.

Тие предупредуваат и на „значителен раст“ на бројот на егзекуции во споредба со истиот период во 2022 година.

Двете невладини организации го критикуваат „зголемениот број на смртни казни изречени за прогонетите малцинства“.

„Од почетокот на годината, иранските власти по нефер судења егзекутираа најмалку еден припадник на арапското малцинство Ахвази, 14 Курди и 13 Белуши и осудија најмалку десетина други на смрт, што е страшна ескалација во извршувањето на смртната казна како средство за прогон на етничките малцинства“, се наведува во соопштението од двете организации.

Некои од овие луѓе беа осудени поради актуелните повеќемесечни протести во Иран, што беа предизвикани од смртта на една млада иранска Курдка во септември 2022 година, откако беше уапсена од моралната полиција поради непочитување на кодексот на облекување.

-Светот мора да реагира и да ги притисне иранските власти официјално да прогласат мораториум на егзекуциите, да ги поништат неправедните смртни казни и сите обвиненија поврзани со учество во мирните протести, изјави Дијана Елтахави, заменик директор на Амнести за Северна Африка и Блискиот Исток. 

Треба да знаете
Последни објави