Унгарската претседателка Каталин Новак денеска побара од пратениците да го ратификуваат влезот на Финска и Шведска во НАТО „што е можно поскоро“.
Пратениците денеска ја почнаа расправата за предлозите откако со месеци немаше поместување во Парламентот.
„Тоа е комплексна одлука, со сериозни последици, затоа треба внимателно да се размисли. Мојот став е јасен: во сегашната ситуација приемот на Шведска и Финска е оправдан. Верувам дека Националното собрание ќе донесе мудра одлука што е можно поскоро“, напиша Новак на Фејсбук.
Сите земји-членки на НАТО, освен Унгарија и Турција, го ратификуваа влезот на двете нордиски земји кои аплицираа за НАТО минатиот мај по руската инвазија на Украина.
Пристапувањето на новите членки мора да го ратификуваат сите сојузници, 30 од нив, а Турција веќе неколку месеци го блокира тој процес и бара законски измени бидејќи, како што тврди, Шведска ги симпатизира и ги поддржува курдските терористи.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера го повтори повикот до Турција и Унгарија да им овозможат на Финска и Шведска да се приклучат на западната воена алијанса.
„Време е за ратификација и целосно добредојде и на Финска и Шведска како членки“, рече Столтенберг во Хелсинки, говорејќи заедно со финската премиерка Сана Марин.