Search

Баерн со играч помалку поразен во Менхенгладбах

Фудбалерите на Борусија Менхенгладбах во 21. коло од Бундеслигата го победија Баерн Минхен со 3:2 и ја направија уште понеизвесна борбата за титулата. Баерн одиграа без Дајот Упамекано, кој беше исклучен во осмата минута, а најзаслужен за триумфот на домашните беше Јонас Хофман, кој постигна еден и асистираше за два гола на својот тим.

Баерн, кој го претрпе вториот пораз сезонава, ќе преноќи на врвот на табелата со бод повеќе од Унион Берлин, кој во недела го пречекува последнопласираниот Шалке, додека Менхенгладбах е осми со 29 бодови.

Домашните поведоа во 13. минута со прекрасниот гол на Штиндл од работ на шеснаесетникот, само пет минути откако Упамекано мораше да оди во соблекувалната.

Како последен одбранбен играч на својот тим, Французинот го собори сонародникот Аласан Плеја.

Баварците израмнија преку Чупо-Мотинг во 35. минута на асистенција на Алфонсо Дејвис.

Сепак, Борусија доминираше во останатиот дел од натпреварот. Најпрво во 55. минута Хофман искористи одлично додавање од Плеја, а во 84. минута Маркус Тирам го постигна првиот гол во 2023 година. Повторно асистираше Хофман.

Конечните 3:2 ги постави Матис Тел во судиското надополнување.

На останатите натпревари Лајпциг со 3:0 славеше победа во Волфсбург, Штутгарт со ист резултат го победи Келн, а гостинска победа 2:0 забележа Фрајбург во Бохум.

Треба да знаете
Последни објави