Search

Путин на Вучиќ му го честиташе Денот на државноста: Со вас сме во борбата за Косово

Рускиот претседател Владимир Путин му испрати телеграма на српскиот претседател Александар Вучиќ по повод Денот на државноста на Србија. Во телеграмата Путин истакнува дека Русија ја цени балансираната надворешна политика на Белград, пренесува руската државна новинска агенција Тас. Прес-службата на Вучиќ потврди дека рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко денеска му доставил телеграма на Вучиќ.

„Примете искрени честитки по повод националниот празник на вашата земја, Денот на државноста. Србија е важен и доверлив партнер на Русија. Високо го цениме урамнотежениот надворешнополитички курс што го води Белград во сегашните сложени меѓународни околности“, се вели во телеграмата.

„Ги поддржуваме вашите напори насочени кон одбрана на територијалниот интегритет на земјата и решавање на косовското прашање. Убеден сум дека понатамошниот развој на руско-српското стратешко партнерство целосно одговара на интересите на нашите братски народи. Искрено ви посакувам добро здравје и успех, како и благосостојба и просперитет за сите граѓани на Србија“, порачува рускиот лидер.

– Во име на народот на Соединетите Американски Држави, вам и на народот на Србија упатувам искрени честитки по повод Денот на државноста, кој го прославувате на 15 февруари.
Во текот на изминатите неколку години, Србија и Соединетите држави работеа заедно на диверзификација на изворите на енергија и зајакнување на економската соработка, создавајќи подобра иднина за нашите граѓани. Заедно, ние мора да продолжиме да го поддржуваме народот на Украина и да бараме одговорност од Русија за нејзината неправедна и неиспровоцирана војна против Украина. Во годината што претстои, САД ќе продолжат да го поддржуваат патот на Србија кон пристапување во Европската унија и дијалогот за нормализација на односите со Косово под покровителство на ЕУ. Ја поздравуваме вашата поддршка за предлогот на Европската унија за нормализација, кој ќе придонесе за создавање помирна и попросперитетна иднина за регионот.
Со нетрпение очекувам натамошно зајакнување на партнерството на нашите земји и пријателството на нашите народи – се наведува во честитката на претседателот Бајден.

Во Србија, 15. и 16. февруари се слават како Национален ден во спомен на Првото српско востание (1804-1813), со кое започна борбата на земјата за независност од Отоманската империја. Датумот е важен и поради фактот што првиот устав на Србија бил донесен на 15. февруари 1835 година.

Треба да знаете
Последни објави