Search

Продолжува седницата за реконструкција на Владата

Денеска напладне ќе продолжи пленарната седница во Собранието за реконструкција на Владата со кадри од Алијанса за Албанците како нов коалиционен партнер на власта, на местото на Алтернатива која по една година излегува од владеачките структури.

„Алтернатива“ ја соопшти одлуката на Централното претседателство дека ќе делува како опозиција, а претходно во петокот премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари ги заокружија преговорите за соработка.

Претседателот на „Алтернатива“ Африм Гаши вчера по седницата на Централното собрание најави дека тројцата пратеници од оваа партија ќе дејствуваат како опозиција, нивните функционери ќе се повлечат од функциите, но доколку има уставни измени ќе гласаат „за“.Во меѓувреме Демократски сојуз предводен од Павле Трајканов  исто така соопшти дека излегува од владеачкото мнозинство, но дека ќе ги поддржува законите кои значат придонес за европскиот стандард на граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски ги предложи за нови министри Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за министер за животна средина.

Според предлогот на Ковачевски, разрешување се предлага на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.

Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ. Претходно, пак, Собранието констатираше дека оставки поднеле министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).

Паралелно течат и партиските преговори за директорските позиции кои ќе ги превземе Алијанса. Најголем број директорските позиции треба да бидат преземени од  Алтернатива и „Огнената група“ во ДУИ. Според последни извори во Алијанса, премиерот Ковачевски и Арбен Таравари се договориле Алијанса да ги превземе МЕПСО, Пензискиот фонд,Железници – Инфраструктура, Македонски пошти и со Управата за управување со одземен имот.

Треба да знаете
Последни објави