Search

Јавен конкурс за годишни награди на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) секоја година доделува две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков” за животно дело и наградата „Јашар Еребара” за истражувачко новинарство. Од 2020 година ЗНМ доделува уште една награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за новинари од внатрешноста на С. Македонијa.

1. За наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, во пријавата се доставува и образложение за остварувањата на кандидатот кои што оставиле посебна трага во македонското новинарство.

2. Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2022 година во медиумите во С. Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од релевантни извори на информации. Пријавата треба да содржи најмногу два новинарски продукти кои се објавени во текот на минатата (2022) година.

3. За наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2022 година се пријавуваат новинари кои имаат објави во локални или регионални медиуми или се дописници на национални медиуми во државата. Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот новинар или по предлог на тројца новинари. И за оваа награда новинарите може да аплицираат најмногу со два новинарски продукти кои биле објавени во текот на минатата година.

Во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење потребно е да се наведе функционален линк од објавата, а доколку се доставува во печатена форма материјалот треба да биде испечатен или снимен на CD/USB.

Пријавите треба да се достават до ЗНМ најдоцна до 21 февруари 2023 година и тоа:

– На електронска пошта: contact@znm.org.mk, лице за контакт: Елизабета Стојановиќ – 02/3298-139. Предметот на електронската порака треба да биде „ЗА ЗНМ НАГРАДА” а секој апликант ќе добие повратна порака за прием.

– Препорачана пошта, адресирани до: Здружение на новинарите на Македонија, Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ или

Пријавите треба да бидат означени: „За ЗНМ НАГРАДА” во предметот на електронската порака или напишано на ковертот

На добитникот на награда за животно дело ќе му се додели плакета, додека за најдобрата истражувачка сторија и за наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2022 година, наградените ќе добијат плакета, како и парични награди во износ од 1.000 евра по награда во денарска противредност.

Изборот на добитниците ќе го изврши Комисија за доделување на наградите на ЗНМ.

Треба да знаете
Последни објави