Search

Ѓоргиевска: Со поврзување на жените и девојките научнички во општеството, политиката и науката, до синергија и нивна поголема застапеност

На иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, а по повод Меѓународниот ден на жените и девојките научнички, денеска се одржа панел дискусија во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ во рамки на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ при УКИМ.

Обраќајќи се пред присутните, сопругата на претседателот изрази задоволство што овој настан прераснува во традиција и истиот претставува промоција на жените и девојките во научната област.

„Оваа година овој ден е посветен на остварување на Целите за одржлив развој и интернационализација на жените и девојките во науката, како и поврзување на жените научнички во општество, во политиката и науката, да се направи една синергија и да имаме што поголема застапеност на жените”, истакна Ѓоргиевска.

Сопругата на претседателот нагласи дека нашата држава, Северна Македонија, претставува една од водечките по бројот на жени и девојки кои завршуваат највисоки степени, магистрирање и дипломирање односно има 52,3% жени и девојки во науката, но и дека понатаму во текот на понатамошниот развој, жените некако не го достигнуваат максимумот во својот потенцијал, така што во повисоките звања се намалува процентот на жените и девојките во науката.

Потенцирајќи дека оваа година овој ден е посветен и на жените и девојките со попреченост коишто се занимаваат со наука и како тие се справуваат со потешкотиите на коишто наидуваат во својот пат, Ѓоргиевска рече дека во смисла на остварување на целта на Обединетите Нации – Leave no one behind, мораме да обрнеме внимание и на овие жени и девојки.

На настанот се обратија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, Христина Спасевска, проректор за образование на УКИМ, Калтрина Зеколи Шаќири, доцент по семејно право на Универзитетот “Мајка Тереза”, Скопје и претставник на “Мрежа на жени во науката”, Ема Ананиевска, дипломирана пијанистка и студент на постипломски студии по специјална едукација и рехабилитација, специфични потешкотии во учење, Гордана Георгиева, доктор специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и Симона Николова, доктор технолог по технологија на каучук и гума и продукт и проект менаџер во Техногума-Николов.

Присутните научнички и учесничките преку онлајн врска дискутираа на повеќе теми поврзани со нивните лични и професионални предизвици во секојдневната научно-истражувачка работа, како и достигнувањата во контекст на остварување на Целите за одржлив развој.

Годинава одбележувањето на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката има за цел да ја поврзе меѓународната заедница со жените и девојките научнички, зајакнувајќи ги врските помеѓу науката, политиката и општеството во воспоставувањето на стратешка позиционираност  во врска со Целите за одржлив развој и во преглед на постојаниот политички форум на високо ниво при што ќе вклучи и научна работилница за слепи девојки и сесија од слепите колеги научници на тема „Науката на Брајово писмо: правење на науката достапна”.

Треба да знаете
Последни објави