Search

Попова Шапка домаќин на државното првенство во сноуборд и “ФИС Сноуборд Куп 2023”

Денес и утре (07 и 08.02.2023), Попова Шапка е домаќин на државното првенство во сноуборд на Македонија и “ФИС Сноуборд Куп 2023”, во организација на Скијачката федерација на Македонија, Меѓународната скијачка федерација (ФИС), и сноуборд клубот XMKD.
На државното првенство ќе учествуваат повеќе од 50 натпреварувачи од повеќе земји, меѓу кои се: Македонија, Србија, Бугарија, Грција и Романија. Натпреварувачите ќе се натпреваруваат во дисциплините Велеслалом и Слоупстајл (олимписки дисциплини), во машка и женска конкуренција. Натпреварот во дисциплината Велеслалом ќе се одржи на 07.02, додека пак во дисциплината Слоупстајл на 08.02.2023 година.
Поради значителниот ангажман на техничкиот организатор, клубот XMKD, тренерот по сноуборд фрирајд Бојан Андонов и помошта од ски центарот Попова Шапка и Кодра freeriders, натпреварувачите ќе имаат шанса да ги покажат своите вештини на исклучително спремен терен, по највисоки стандарди, во погодни временски услови.
Ваквите меѓународни натпревари и купови се одлична прилика за промоција и афирмација на овој наш зимски туристички центар, кој со големите инвестиции, дури и во време на економска криза, успеа да ги врати македонските љубители на зимските спортови да зимуваат во Македонија.
“Попова Шапка нуди одлични климатски и географски услови за уживање во зимските спортови, а со континуираните инвестиции во скијачките капацитети, соработката со Скијачката Федерација на Македонија, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) и клубовите како XMKD, скијачките центри како Попова Шапка добиваат на популарност, се шири интересот кај младите за зимските спортови и пред се истите да спортуваат во Македонија. Овогодинешните натпревари во сноуборд на Попова Шапка, во две дисциплини само дополнително придонесуваат за афирмација на зимските спортови во република Македонија.“ – изјави Дејан Пановски, претседател на Скијачката федерација на Македонија.
Им посакуваме успешен настап на сите натпреварувачи, за време на двата натпреварувачки денови и ги повикуваме сите љубители на зимските спортови да го посетат скијачкиот центар Попова Шапка и да уживаат во одличната атмосфера и организација на овогодишното државно првенство во сноуборд и “ФИС Сноуборд Куп 2023”.

Треба да знаете
Последни објави