Search

Петковски: Бугарија и Македонија се сто години зад визиите на Гоце Делчев

Бугарија и Македонија како држави се сто години зад визиите на Гоце Делчев, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски во гостување на емисијата СТУДИО10 на Телевизија 24.

-Мислам дека треба македонските и бугарските историчари да ги отворат сите архиви за Гоце Делчев. И ако Гоце Делчев е оној кој ги спојува двете држави тогаш нека се смета за творец за двете држави, вели Петковски.
Потенцира дека во бугарските архиви може да се најде говорот на Георги Димитров за последниот завет на Гоце Делчев кој сакал да почива во главниот град на независна Македонија за којашто се борел и залагал и затоа неговите мошти се пренесени во Скопје во времето на Георги Димитров и Јосип Броз.

За поранешниот претседател на македонското Собрание е зачудувачки тоа што европарламентарец доаѓа во земјава, ја негира и повикува на атентат на претседател на држава, но од друга страна на таквите провокации не треба да се одговара.

-Тоа е настан што ние го одбележуваме секоја година и нема потреба од тоа да се прави вонредна состојба. Нашата полиција ја контролира целата земја и навистина нема потреба да доаѓа бугарска полиција напомош, вели Петковски.
Потсети дека истите луѓе кои сега создаваат немир до лани не доаѓале пред гробот на Делчев.

– И ова сега мислам дека не е случајно туку е за нивна внатрешна бугарска политика. Бугарија е земја на ЕУ која има најмногу проблеми и е најсиромашна. Нивниот претседател е единствен кој има нескриена руска ориентација. Провокации прават само политичари кои немаат добри намери, заклучи Петковски.
Додаде дека дури и Бугарите ги препорзнаваат лошите политичари, а за тоа сведочи падот на изборите на радикалните политички партии, иако постојано се појавуваат некои нови.

Јас не само што не паметам туку не сум можел ни да замислам една ваква ситуација со Бугарија. И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето, порача Петковски.

Треба да знаете
Последни објави