Османи-Турковиќ: Соработка и меѓусебна поддршка за стабилен и просперитетен регион

Јас сум многу оптимист дека пријателството што постои помеѓу луѓето, пред сѐ во нашите две држави, ќе се одрази во институционалната и севкупната меѓудржавна соработка на Северна Македонија и Босна и Херцеговина, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На денешната заедничка прес-конференција со заменик претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ која е во посета на државава, Османи рече дека разговарале и за други  регионални прашања од интерес, за кои, како што посочи, имаат слични размислувања, не само од регионот, туку и воопшто, во нашиот континент.

– Во мај оваа година одбележуваме важен јубилеј. Одбележуваме 30 години дипломатски односни помеѓу нашите две држави. Тоа се 30 години пријателство, соработка, меѓусебна поддршка, но и заедничка визија за регионот и за евроатлантската перспектива на овој регион, рече министерот, дополнувајќи дека РСМ силно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.

Според Османи, минатата година беше особено важна за двете држави по однос на европската перспектива.

– РСМ после 17 години чекање кандидатски статус ги почна преговорите за членство, БиХ во декември го доби кандидатскиот статус, што мислам дека беше многу важна порака и од ЕУ, која што дава сигнал за една кредибилна европска перспектива на регионот. Меѓутоа, мислам дека ќе придонесе значително и во нашите држави во однос на продолжување на реформскиот правец по однос на стабилизирањето на регионот во целина, рече тој.

Османи кажа дека РСМ е подготвена да го сподели искуството со кандидатски статус за понатамошниот тек на спроведување на реформи.

– РСМ дава силна поддршка на евро-атлантската интеграција на БиХ, како членка на НАТО. Во овој дел можеме да помогнеме во рамки на споделување на искуство, во рамки на реформските активности, и ја охрабруваме БиХ да продолжи на тој пат, бидејќи нема алтернатива за стабилен и просперитетен регион отколку сите земји во регионот да се движат на пат кон ЕУ и кон НАТО, рече Османи.

Тој дополни дека ќе придонесе и претседавањето на Јадранската повелба, каде БиХ е член, а со новиот стратешки концепт од повелбата за наредните 20 години, како што кажа, посебен акцент се става на членството на БиХ и Косово во НАТО.

– Претседавањето со ОБСЕ е исто така уште една можност. Разговаравме, бидејќи во БиХ ОБСЕ има сериозна теренска мисија, не само во Сараево, туку и низ другите градови, со едно големо и богатство искуство во сите циклуси на конфликт, и во тој дел исто така ОБСЕ ќе биде активно, бидејќи знаете, нашиот фокус е токму на теренските активности и улогата што ОБСЕ ја има на терен и влијанието што го има врз животот на луѓето, рече тој.

Министерот заклучи дека јубилејот од 30 години е важна можност да се направи пресек на тоа до каде сме, не само во политичката соработка, во економската соработка, туку, кои се целите на соработката во наредните 30 години.

Турковиќ, од своја страна истакна дека треба да се воспостави и функционална рамка за подобра патна комуникација и посилно економско поврзување.

– Имам билатерални договори спогодби, но ни недостасува лет Сараево-Скопје. Треба двете страни да инвестираат во таа насока, и економскиот резултат ќе биде многу подобар за двете земји. Би било добро да потпишеме меѓудржавен договор за економска соработка, за што и денеска разговаравме, рече таа, дополнувајќи дека разговарале и за општата ситуација во регионот.

Според неа, периодот за претседавање на ОБСЕ е време во кое регионот треба да покаже дека одлучува не само за овој дел на светот, туку и пошироко.

– Тоа е важен чекор и прилика, и верувам дека претседавањето ќе биде исклучително добро и важно, не само за Република Македонија, туку за целиот регион и пошироко, за целиот свет. Двете држави се жртви на регионални движења кои влијаат на нашиот брз напредок кон ЕУ.  На ист начин се нашите две држави ги поврзуваат што воопшто не бевме виновни, поврзани за распад на поранешната држава и со тоа претрпевме тешки последици. БиХ затоа сака регионална соработка во рамки на Берлинскиот процес со цел нашето поврзување  да го забрза доближувањето на целиот регион на ЕУ, рече таа.

Турковиќ истакна и дека за БиХ, Северна Македонија е важен меѓународен партнер.

– Членка на НАТО од која очекуваме и имаме поддршка како за наш напредок кон полноправно членство. Нема стабилен Балкан додека сите држави на регионот не бидат на неповратниот пат кон ЕУ, рече заменик претседавачот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, која треба да има средби и со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Треба да знаете
Последни објави