Search

Одложено судењето за модуларната болница во Тетово, ќе продолжи на 31 јануари

Продолжението на судењето за пожарот во тетовската модуларната болница кога животот го загубија 14 лица, денеска во Основниот суд Тетово беше одложено поради отсуство на еден од обвинетите, економскиот директор на Клиничка болница, Артан Етеми.

Неговиот адвокат образложи дека обвинетиот денеска не дошол поради смртен случај.

Судијата Јордан Велковски информира дека судењето ќе продолжи на 31 јануари, термин што беше определен уште во декември 2022 година.  Воедно, се определија и 16 февруари и 2 март како следни термини за продолжување на судењето.

Денеска беше предвидено искази да дадат сведоци предложени од Обвинителството, кои беа поучени дека треба да дојдат повторно на следниот термин на 16 февруари.

Пред да почне судењето од 9 часот жители на Тетово, втор пат се собраа пред зградата на Основен суд во знак на поддршка на д-р Бобан Вучевски, еден од тројцата обвинети. Тие посочија дека се дојдени да му дадат поддршка на докторот уверени дека тој нема никаква вина.

-Дојдовме да му дадеме поддршка на доктор Бобан затоа што цело време од кога знае за својата работа он е со нас. Никогаш не рекол не, на секој позив се јавува кога и каде што треба и секогаш е присутен. Само ме чуди никаква припадност што има браќа и сестри Албанци што им помогнал, а не ги гледам никаде. И нашите што им зависел животот, а им го спасил, изјави жителка на Тетово.

– Вината треба да се бара кај оној правиот кој е виновник. Има грешка техничка а докторот нема врска со таа техничка грешка. Значи ова е само да се префрли вината на некој што не е виновен. Овој доктор наместо да биде награден затоа што давал се од себе тој фактички испадна виновен.Затоа треба а биде праведно судењето. Техничкиот прием не го прави докторот, се знае кој треба да види дали е исправна сочувство до семејствата. Овој доктор јас сметам дека треба да биде унапреден и награден, рече една жена меѓу присутните.

Денеска во Судот беа присутни и членови на семејствата на дел од жртвите во пожарот во модуларната болница. Тие требаше да бидат сведоци на Обвинителството.

-Во оваа држава нема правда. Никогаш нема да има правда. А ние очекуваме да има правда. И за овие тројца што е сега одговорноста за модуларната болница не се само овие, има поголем синџир, има екс-министер, и ги знаат кои се, да дојдат овдека да ја кажат вистината како изгори модуларна болница за 5-7 минути. Ние бараме правда и ќе одиме до крај за правда. Има уште други виновни, не ги знам јас по име, нема потреба да ги споменувам по име. Се знае во државата кој е, има уште и треба да излезат пред правдата, изјави Мумин Исмаили, син и брат на жртви во пожарот.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 година откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.

Треба да знаете
Последни објави