Search

Уставен ја укина одредбата за право на надоместок поради попреченост „најдоцна до 65 годишна возраст”

Уставниот суд одлучи да го укине членот 44 став 2 од Законот за социјална заштита во делот „најдоцна до 65 годишна возраст” кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.

– Судот одлучи да ја укине оваа оспорена одредба бидејќи со неа е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните. Оваа одредба е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а е опфатена во членот 8 од Уставот, информираше денеска портпаролката на судот, Христина Беловска.

МИА неодамна алармираше за настанатата ситуација која ја утврди Народниот правобранител, а според која, вкупно 23 барања за остварување на правото на надоместок за попреченост биле одбиени во 10 Центри за социјална работа во државава токму поради овој услов.

Според Законот за социјална заштита, надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост, според член 44 став 2 од овој закон, може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Токму овој став, според Народниот правобранител, е ограничувачки услов за пристап и остварување на правото на надоместок заради попреченост. Посочува дека истиот во себе содржи нееднаквост, односно дискриминирачка одредба кон останатите лица кои го остваруваат ова право.

Народниот правобранител укажува и на потребата од поголемо информирање на лицата со попреченост за начинот на остварување на правото на надоместок заради попреченост и олеснување на пристапот и остварување на правото на паричен надоместок, со цел социјално вклучување и еднакви можности на лицата со попреченост.

Извештајот на Народниот правобранител покажува дека во периодот 2020/21 година, за остварување на правото на надоместок за попреченост по основ на тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепо и потполно глуво лице, од лица на возраст од 26-65 години се поднесени вкупно 7 293 барања. Притоа, од страна на надлежните центри за социјална работа, позитивно е одлучено за 7 142 барања, односно 97, 92 отсто.

Треба да знаете
Последни објави