Search

Грузија вторпат ја победи Македонија во групата од ЛН и си обезбеди нов бараж за ЕП

Македонската фудбалска репрезентација е поразена и во вториот натпревар против Грузија во групата од Д-дивизијата во Лигата на Нации. Во Тбилиси, селекцијата на Грузија ги казни грешките на македонските репрезентативци и со по еден погодок во двете полувремиња стаса до сигурна победа (2:0) и првото место во групата кое води во разигрувањето за пласман на завршницата од ЕП 2024.

Грузија така се реваншира за поразот од 12 ноември 2020 во финалниот меч од бараж за настап на последното Европско првенство, каде Македонија имаше премиерен настап.

Во 180 минути со Грузија, Македонија не даде ни еден гол, прими пет, иако за толку Грузијците не беа посилни. До 35-та минута Македонија беше доминантна на теренот, Грузија не можеше да врзе повеќе од три-четири додавања, изведовме четири корнери, двапати се заканивме и следеше казна. Од ништо, Грузија доби шанса преку Абурџаниа чиј удар го одбрани Столе Димитриевски, а ужасно лошата поставеност на корнер ја искористи Квича Кварасхелија за неговиот обид за додавање да заврши со автогол на Бојан Миовски.

Грузија можеше и поубедливо да дојде во водство до полувремето, направи уште две шанси користејќи го нашиот пад, но кога во вториот дел тргнавме и поагресивно, Елиф Елмас, Миовски, Езџјан Алиоски имаа шанси, следеше шок со катастрофална грешка на Дарко Велковски во 64-та минута по кој ѕвездата на Наполи Кварасхелија вторпат ја затресе мрежата на Македонија.

На Македонија ѝ останува уште дуелот со Бугарија в понеделник во Скопје. По пет кола Македонија остана на седумте бода.

Треба да знаете
Последни објави