Search

Во Гостивар започна четири дневната програма на Парк фестивал

Со настапите на млади таленти и изведби на песни, танчерски перформанси и изложби на ликовни дела, синоќа почна манифестацијата „Парк фестивал” (The Park Festival). Во наредните три вечери Гостивар ќе биде домаќин на познати и реномирани изведувачи на популарна и електронска музика.

Четвртото издание на фестивалот вечерва од 20 часот продолжува со настапите на артисти од домашната сцена. Манифестацијата ќе заврши на 24 јули во градскиот парк во Гостивар.

Од „ИнБокс Ентертејмент” организаторите на манифестацијата за МИА велат дека главните настани се настапите на артисти кои се популарни и актуелни како во регонални, така и во светски рамки.

– Годинава концептот е насочен кон помодерниот музички израз. За таа цел ги обезбедивме и на големата сцена ќе настапат: Ноизи, Ул Лимани, Мс Креша, Лирикал Сан, Габриел Ананда, Слаткаристика, 2Бона, Лаура Крлиу & Бенд, МИМ, Сикрет 47, Јертон, Матеј Фолтц, Сир Фикс, диџеј Че, Кас, диџеј Метто, Зи Бомб, Кипман, Агони, Фљамурс, Доли и Вејви и уште неколкумина други. Надвор од програмата го промовираме волонтерството. Годинава, волонтери ќе прават и ќе постават куќички за птици, кои ќе им служат за гнезда во градскиот парк, вели Ертон Весели музичкиот директор на Тhe Park Festival 2022.

Тој посочи дека фестивалот го дополни една спортско-рекреативна активност, односно турнир во баскет/стритбол на игралиштето во средното медицинско училиште.

– Тhe Park Festival 2022 и оваа година продолжува со единствена желба и мисија, преку уметноста на музиката да ја сузбиеме вознемиреноста што ја доживеавме досега. Кај нас постои желба да овозможиме едно мало бегство од реалноста и да ја „нахраниме” душата со оригинални вредности пренесени преку музиката. Тоа е всушност и главната цел на четвртото издание, вели Јетон Весели, организацискиот директор на фестивалот.

Сцената на која ќе се одржуваат настапите е посебно уреден простор во големиот градски парк. Пред официјалната програма, во попладневните и вечерните часови на шеталиштето на кејот ќе се организираат дополнителни активности кои се дел од фестивалот. Манифестацијата финасиски е поддржана од Министерството за култура и општина Гостивар.

Треба да знаете
Последни објави