Search

Мо Фарах: Се викам Хусеин и бев жртва на трговија со луѓе

Еден од најуспешните спортисти на сите времиња, атлетичарот Мо Фарах, го шокираше целиот свет во документарец на „Би-Би-Си“ со тоа што призна дека како дете бил илегално донесен во Обединетото Кралство како жртва на трговија со луѓе и дека бил принуден да работи како слуга. Мо Фарах со шокантната исповед откри дека неговото вистинско име е Хусеин Абди Кахин.

Четирикратниот олимписки, шесткратен светски и петкратен европски шампион на 5.000 метри и на 10.000 метри и најуспешниот тркач на долги патеки на сите времиња откри за „Би-Би-Си“ дека истите луѓе кои го донеле на островот му го дале името Мохамед Фарах. Него како деветгодишно момче го донела од Џибути жена која никогаш не ја познаавал. Кога пристигнал, бил принуден да се грижи за децата на едно семејство.

-Најголемиот дел од луѓето ме знаат како Мо Фарах, но тоа не е моето име. Вистината е дека сум роден во Сомалиленд, северно од Сомалија, и моето вистинско име е Хусеин Абди Кахин. И без разлика што зборував во минатото, моите родители никогаш не живееја во Обединетото Кралство“ – вели Мо Фарах.

„Кога имав четири години, татко ми беше убиен во граѓанската војна а моето семејство се распадна. Бев раздвоен од мајка ми и илегално донесен во Обединетото Кралство под друго име“.

Фарах во прв момент бил испратен да живее кај роднини во Џибути, а потоа некоја жена му кажала дека ќе го носи кај роднини во Европа. Исто така го известиле дека е преименуван во Мохамед.

Сепак, кога пристигнал во Обединетото Кралство, разбрал дека ништо нема од ветувањата.

„На лист хартија ги имав контакт информациите од моите роднини, но кога влеговме во куќата, жената ги зема, ги искина пред мене и ги фрли во канта. Во тој момент знаев дека сум во неволја“.

Мо Фарах потоа бил принуден да работи како куќен слуга и да чува деца, а добил и закана: „Ако сакаш да си го видиш семејството повторно, немој на никого ништо да си кажал“.

Треба да знаете
Последни објави