Search

Конференција: Институциите да работат посериозно за унапредување на правата на помалубројните заедници

Регионална конференција насловена „Претставеност на помалубројните заедници на државно и локално ниво”, како дел од проектот „Зачувување на културата кај Хрватската заедница и останатите помалубројни заедници во Република Северна Македонија” кој финансиски е поддржан од „Агенцијата за остварување на права на заедниците” на Владата се одржа денеска во Скопје.

На конференцијата се обрати националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата Роберт Алаѓозовски, кој верува дека правата на помалубројните заедници се успешна приказна.

– Токму оваа Влада од 2017 наваму има активни политики. Тие активно политики се дел од стратегијата за развој на концептот на едно општество и интеркултурализмот и секако и другите политики кои меѓудругото се базираат на градење мултикултурно општество и на развој на тој интеркултурен дијалог, рече Алаѓозовски.

Според него, заедниците во нашата земја се богатство и тие не треба меѓусебе да се развиваат во ривалство, туку треба да се развиваат почитувајќи ја различноста, но и искусувајќи ја културата на другиот.

– Во таа смисла, нашата стратегија која јас ја претставувам има обезбедено многу конкретни активности и политики со цел да ги унапреди правата. Правата на заедниците ни се важни. Редовно, секои три месеци рапортираме во рамките на претпристапното партнерство со ЕУ до каде се тие права и еден од најголемите предизвици е токму ефикасноста на институциите, меѓуинституционалната соработка со цел да се дојде до вистински и конкретни резултати, рече Алаѓозовски.

Тој нагласи дека многу од институциите кои ги остваруваат правата на заедниците се на некој начин успиени, дека не функционираат, немаат соодветни средства, ниту кадровски потенцијали. Но, како што нагласи, тие проблеми ги детектирале и сега работат на нивно надминување.

– Системот постои, но мораме да го оживееме и да ги направиме институциите да работат посериозно, да дојдеме до практики, потенцира Алаѓозовски.

Ковид кризата, енергетската криза и воената криза на европскиот континент, како што нагласи, главно доведуваат до кратење на буџетите и фондовите и држење само до главните приоритети. Во такви услови, вели тој, многу е тешко да ги убедиме главните чинители да не ги кратат средствата кои се наменети за помалите заедници, да не ги замрзнуваат или проектираат за наредната година вработувањата.

– Тоа што треба да е наша стратегија на државно ниво е како да обезбедиме пари кои ќе бидат системски, предвидливи, кои ќе доаѓаат редовно и кои нема да бидат подложни на надворешните шокови, за да можат и државата и помалите заедници да ги унапредуваат системски своите права затоа што изговори има секакви. Предизвиците се на многу нивоа и навистина е потребна голема посветеност и големо залагање за да дојдеме до подобри ситуации. Но, јас сум уверен дека се движиме подобро, заклучи Алаѓозовски.

Амбасадорката на Република Хрватска во земјава Нивес Тигањ нагласи дека оваа конференција е можност да се потсетиме колку е важна улогата на малцинските заедници во секое општество.

– Често велам дека остварувањето на правата на малцинските заедници во секоја држава е огледало на нејзиниот степен на демократија. Најдобар пример за ова е Република Хрватска, која е еклатантен пример за усвоени европски стандарди кога зборуваме за правата на малцинските заедници каде што сите припадници на малцинските заедници имаат еднакви права од најголемата малцинска заедница до дури и еден претставник на една малцинска заедница, рече Тигањ.

Таа во своето обраќање се осврна и на соработката меѓу Хрватска и Северна Македонија.

– Македонската и хрватската малцинска заедница, соработката меѓу нашите две земји, а тоа го видов особено сега во годината кога ја одбележуваме 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи, колку е важна улогата на македонската заедница во Хрватска и хрватската заедница во Северна Македонија, колку придонесуваат за севкупниот квалитет и богатство на нашите билатерални односи, нагласи амбасадорката.

Затоа, како што нагласи, Република Хрватска е силно посветена на каква било посебна финансиска помош и поддршка на хрватската заедница во Северна Македонија и ќе продолжи да го прави тоа. Но, додаде и дека Владата на Република Северна Македонија, исто така покажа политичка посветеност, како и финансиска поддршка за заедницата.

– Ја имате силната поддршка од Република Хрватска во политичка, но и во финансиска смисла, посочи Тигањ.

Регионалната конференција ја организира Заедницата на Хрвати во Република Северна Македонија. 

Треба да знаете
Последни објави