Search

Зеленски со порака до Тирана: Затворете ги пристаништата за руските бродови и ограничете го бројот на нивните туристи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање до албанскиот парламент преку видео-порака апелираше до земјата да ги затвори пристаништата за руските бродови и да го ограничи доаѓањето на руските туристи, пренесуваат албанските медиуми.

Зеленски додал дека руските банки треба да се одвојат од глобалниот финансиски систем, а во меѓувреме да се затворат пристаништата за руските бродови и да се ограничи бројот на руски туристи, пишува „Euronews Albania“.

Украинскиот претседател изјавил дека во Европската Унија се разговара за шестиот пакет санкции и дека обемот на трговијата со Русија мора да се намали, колку и да е тешко, и дека Обединетите нации треба да ја прекинат соработката со оваа земја.

Тој во своето обраќање пред албанскиот парламент изјавил дека украинската армија пронашла масакрирани тела во зоните напуштени од руски војници.

Додал дека „Русите не дозволуваат да се доставуваат храна и лекови во зоните на вооружени конфликти и дека дури и убиваат деца“, пренесува албанскиот „Дејли Њуз“.

Зборувајќи за ситуацијата во Мариупол, украинскиот претседател изјавил дека тоа е целосно уништен град во кој има само уништување, убиства и тотален грабеж и дека се уништени многу верски објекти.

Зеленски и се заблагодарил на Албанија за поддршката што оваа земја и ја дава на Украина, пишува медиумот.

Треба да знаете
Последни објави