Search

Георгиевски: Kога сум растел, за мене Ванчо Михајлов бил синоним за самостојна и независна Македонија

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека не се сеќава дека поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски некогаш кажал нешто против Ванчо Михајлов.

Според него, спомен куќата и музејот се дел од обид за некакво негово легитимирање.

Георгиевски истакна дека додека тој растел, Ванчо Михајлов бил синоним за самостојна и независна Македонија.

-Ние кога прифативме да го крстиме во Кичево – 10-ти Конгрес, значи ние прифативме свесно три конгреса на ВМРО на Ванчо Михајлов 24-та/25-та, 28-ма и 32-ра година. И сега јас не знам што не им е јасно на ВМРО-ДПМНЕ денешно, таа одлука не ни падна од небо, вели Георгиевски.

Тој истакна дека Ванчо Михајлов сакал да ја прогласи Пиринска Македонија за независна држава, а имал поддршка од Бугарите.

Според него, сите лаги во македонската историографија се измислени од бугарските комунисти во борбата против Ванчо Михајлов.

-Мене ми е жал што во македонската историографија некои работи или едноставно немаме интерес или не сакаме да ги читаме. Сите тие лаги се измислени од бугарските комунисти во борбата против Ванчо Михајлов, вели Георгиевски.

Тој вели дека името „ВМРО“ е име кое Тодор Александров и Ванчо Михајлов го поставуваат на меѓународната сцена, а двајцата се „синоним за автономна, самостојна и обединета Македонија“.

-Во времето на Гоце, Даме, историските личности, тоа беше ВМРО. Самото име е име на Александров и Михајлов. Тие сами по себе беа контроверзни и ги спомнувавме во пакет. Со тек на времето, Александров доби легитимитет и го рехабилитираа. Кога зборуваме за Ванчо Михајлов, не зборуваме за да му се постави улица, но не можете да го етикетирате во македонската историја, затоа што тоа се двајцата лидери на ВМРО кои го држат македонското прашање меѓу двете светски војни. Тие се двајцата лидери чии имиња се синоним за автономна, самостојна и обединета Македонија, рече Георгиевски.

Георгиевски рече дека не му е јасно зошто Бугарија сега сака да го „оживее“ Ванчо Михајлов, а претходно има покренато кривични пријави против него.

-Бугарија има покренато кривични пријави против Ванчо Михајлов, и ако истиот е контроверзен за некои, јас дури се чудам на бугарската политика како сега сака да го „оживее“ Ванчо Михајлов. Таа се фаќа за моментот на неговото национално самоизјаснување како Бугарин. Меѓутоа целата димензија за нив има нешто пострашно, а тоа е концептот не само на самостојна, туку и на обединета Македонија, што го тангира директно нивниот пирински дел за кои сега зборуваат дека некој од Македонија гаи некаква надеж, вели Георгиевски.

Треба да знаете
Последни објави