Search

Берни Еклстоун: Путин е чесен и искрен

Берни Еклстоун, поранешниот и долгогодишен прв човек на Формула 1, го брани Владимир Путин кој нареди воена операција во Украина, а се заканува и со нуклеарно оружје.

„Тој е многу искрена и чесна личност. Го направи токму тоа што го кажа дека ќе го направи без никакви аргументи“, изјави Еклстоун за „Тајмс Радио“ и додаде дека би требало да се укине казната со која на Русија и е одземено домаќинството во трките од Формула 1.

„Нема да има никакви разлики ако во Русија има трка“, изјави Еклстон. Тој истакнува и дека постојат луѓе кои мислат дека постапките на Путин се оправдани:

„Претпоставувам дека за тоа одлучуваат луѓето кои се вклучени во она што се случува, бидејќи можеби други луѓе мислат дека тоа е вистинската работа за Русија. Па како некој друг може да процени што точно се случува денес?“.

Еклстоун од одамна е голем обожавател на Путин, уште откако во 2014 година во Русија ги доведоа трките од Формула 1. Пред три години во интервју за „Тајмс“ истакна:

„Би сакал да видам како Путин ја води Европа“, а претходно истакна: „Ако некој оди и со оружје пука на Владимир, јас би се фрлил врз него за да го спасам. Затоа што е добар човек. Секогаш прави само добро за другите“.

Треба да знаете
Последни објави