Search

Синиша Михајловиќ: Австралијците згрешија и го направија Ѓоковиќ херој на сите антиваксери

Тренерот на италијанскиот клуб Болоња, прославениот српски фудбалер, Синиша Михајловиќ, ја коментираше здравствената состојба во неговиот клуб, фактот што неговиот крилен играч Никола Сансоне ја прими првата доза вакцина против своја волја, но го допре и Новак Ѓоковиќ кого го нарече жртва, а Австралија ја посочи како виновник во случајот кој го привлече вниманието на светската јавност.

-Ситуацијата е незгодна, но по мене организаторите грешат. Требаше да ги следат владините упатства и да не му гарантираат на Ѓоковиќ дека ќе игра. Штом заминал во Австралија, тоа значи дека имало услови да добие медицинско изземање. Според мене, Ѓоковиќ е жртва. Тој не сноси најголема одговорност за овој хаос. Смешно е да се затвори најдобриот тенисер во светот во хотел за депортација, макар што на тој начин се расветлија условите за живот на барателите на азил. Организаторите требаше да ги почитуваат правилата, вака го претворија Ѓоковиќ во херој на сите антиваксери, ја коментираше Михајловиќ ситуацијата со својот сонародник.

Еден од антиваксерите е и крилото на Болоња, Никола Сансоне, кој минатата недела ја прими првата доза од вакцината против своја волја, по што изрази гнев на социјалните мрежи, велејќи дека човековите права не значат ништо и оти веќе нема слобода на избор.

-Не сакаше да ја прими вакцината, но тоа се правилата. Или ќе ја примиш или ќе испаднеш-, рече Михајловиќ, додавајќи дека лекарите му рекле оти по третата примена доза омикрон станува како обичен грип.

Треба да знаете
Последни објави