Search

Казахстан: Најмалку 18 загинати припадници на безбедносните сили и над 740 повредени

Жртвите меѓу казахстанските безбедносни сили денеска се зголемија на 18 загинати и 748 повредени додека властите се обидуваат да ги смират немирите во поранешната советска земја, јавија западни агенции цитирајќи го Министерството за внатрешни работи.

Според Министерството досега се приведени 2.298 лица откако од вчера протестите поради поскапувањата на горивата прераснаа во директни судири со полицајците.

Казахстан минува низ најголемите улични протести кои земјата ги видела од стекнувањето независност пред 30 години. Дестабилизацијата на ситуацијата таму предизвикува сериозна загриженост за двата моќни соседа на Казахстан – Русија и Кина. Државата го продава најголемиот дел од извозот на нафта во Кина и е клучен стратешки сојузник на Москва.

Протестите започнаа во град во крајниот западен дел на земјата, кој е центар на нафтената индустрија откако се случи ненадеен скок на цените на горивата за автомобили во првите денови од новата година. Сепак, десетици илјади луѓе кои подоцна излегоа на улиците во повеќе од 10 градови, сега се насочени не само на цените на горивото, туку и на целото авторитарно владеење.

Претседателот Касам-Жомарт Токаев изгледа се поочаен.

Првично се обиде да ја смири толпата со отпуштање на целата влада вчераутро. Но, до крајот на денот, тој го промени курсот. Прво демонстрантите ги нарече терористи. Тој потоа се сврте кон воената алијанса предводена од Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), за да помогне во задушувањето на бунтот, а ОДКС се согласи да испрати неодреден број мировници.

Од петте централноазиски републики кои стекнаа независност по распадот на Советскиот Сојуз, Казахстан е најголем и најбогат меѓу нив. Нејзината територија зафаќа површина колку Западна Европа, земјата има и огромни резерви на нафта, природен гас, ураниум и благородни метали.

Но, иако природните ресурси на Казахстан помогнаа да се изгради солидна средна класа, како и значителен слој на супербогати тајкуни, финансиските тешкотии се широко распространети. Просечната месечна плата во земјата е нешто под 600 долари. Банкарскиот систем стана жртва на длабоки кризи предизвикани од нефункционалните кредити.

Како и многу други земји во регионот, ситната корупција е широко распространета. Митингот, кој ја предизвика актуелната криза, се одржа во правливиот нафтен центар во Жанаозен во западен Казахстан.

Областа долго време е огорчена од чувството дека енергетските ресурси во областа не се распределуваат правично меѓу локалното население. Во 2011 година, полицијата застрела најмалку 15 луѓе во градот кои протестираа за поддршка на нафтените работници отпуштени по штрајк.

Кога во саботата стана јасно дека цените на ТНГза автомобилите, гориво на кое повеќето луѓе во околината ги возат своите автомобили, се удвоиле преку ноќ, трпението истече. На незадоволството брзо се приклучија и жителите од соседните градови, а за само неколку дена протестите се проширија и во останатиот дел од земјата.

Потиснувањето на критичките гласови во Казахстан долго време е норма. Сите поединци кои сакаа да и се спротивстават на владата беа репресирани, изолирани или вклучени. Така, иако овие демонстрации се невообичаено големи – во некои од нив учествуваа повеќе од 10.000 учесници, голем број за Казахстан – ниеден лидер на протестното движење не се истакна. Во поголемиот дел од поновата историја на Казахстан, власта ја држеше поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев.

Во 2019 година, тоа се промени кога сега 81-годишниот Назарбаев се пензионираше и го именуваше својот долгогодишен близок соработник Токаев за свој наследник. Како шеф на Националниот совет за безбедност, кој ги надгледува армијата и безбедносните служби, Назарбаев продолжи да има значителна моќ над земјата. Вчера Токаев објави дека ги презема овластувањата на Назарбаев како претседател на Советот за безбедност.

Голем дел од уличниот гнев што избувна во последните денови не беше насочен кон Токаев, туку кон Назарбаев, кој според многумина се уште е врховен лидер на земјата.

Слоганот „Старче, оди си!” стана еден од главните.

Првичната реакција беше во согласност со вообичаената политика на јавно незадоволство. Беа распоредени значителни сили на полицијата и Националната гарда. Толпата, која вчераутро се упати кон канцеларијата на градоначалникот во економската престолнина на Казахстан, Алмати, беше пречекана со тесни кордони од полицијата за немири и оклопни транспортери. Иако растурањето на ваквите масовни настани е обично лесно, овојпат бројот на луѓе на улиците беше преголем.

Откако беа нападнати владините канцеларии во неколку големи градови, Токаев се обрати за помош до ОДКС, воен сојуз предводен од Москва. Својот повик за надворешна интервенција го оправда со тоа што демонстрантите дејствуваат според него, по наредба на меѓународните терористички организации. Токаев не прецизираше што сака да каже со тоа.

Казахстан моментално се наоѓа во непознати води. Во земјата и претходно имаше големи демонстрации: во 2016 година по усвојувањето на контроверзниот закон за земјиште; и уште еднаш во 2019 година по спорните избори, кои на Токаев му го обезбедија останувањето на власт. Меѓутоа, вакво нешто досега не се случило.

Во еден од неговите вчерашни апели до општеството, Токаев вети реформи и навести дека е можна политичка либерализација. Сепак, неговите помрачни изјави кон крајот на денот сугерираа дека тој повеќе би сакал да тргне по порепресивен пат.

Сепак, со оглед на тоа што протестите, барем засега, немаат конкретна крајна цел, тешко е да се каже како ќе завршат. Но, и да не ја урнат власта, се чини можно е да доведат до длабоки трансформации.

Треба да знаете
Последни објави