Барди даде гол, но Леванте загуби од Валенсија (ВИДЕО)

После безмалку два месеци од двата гола против првакот Атлетико Мадрид, македонскиот репрезентативец Енис Барди повторно погоди во Ла Лига за Леванте, но само колку да го ублажи поразот во спектакуларното градско дерби со седум гола против Валенсија, кое го добија вечерва „љиљаците“ со 4-3.

Барди доби шанса да ги игра последните 13 минути од мечот, па во 91-та даде гол, трет за Леванте, кој го запиша десетиот пораз сезонава и остана единствен без триумф засега во шпанската елита по 18 кола, закован на дното на табелата, а на тимот во кој игра македонскиот репрезентативен фудбалер за врска не му беа доволни ни два гола предност за да дојде до прва победа.

За три минути, Хосе Кампања и Роџер Марти дадоа два гола за огромни 2-0 на Леванте во периодот од 21-та до 24-та минута, но Валенсија успеа на крилата на својот напаѓачки тандем Гонзало Гуедеш-Карлос Солер да направи комплетен пресврт и да дојде до победа. Двоецот даде по два гола, а почна со гол на Гуедеш минута пред полувремето, па продолжи со гол на Солер од пенал пет минути во вториот дел, за Гуедеш да му асистира на Солер во 70-та за прво водство на Валенсија, а потоа Португалецот да даде гол во 85-та за да ја потврди победата.

Барди погоди во првата минута од судиското надополнување за да го ублажи поразот, но немаше време за да се спаси Леванте од пораз, па остана на осум бода, додека Валенсија со 28 дојде на седмото место на табелата.

Треба да знаете
Последни објави