Search

Центалниот депозитар за хартии од вредност додели почесни плакети на Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност

По повод 20 години од основањето на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје,  институцијата во услови на пандемија, започна со активности за одбележување на овој значаен јубилеј.

Имајќи ја во предвид важноста на меѓу-институционалната соработка која Депозитарот во изминатите години ја остварува со Министерството за финансии на Р.С Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Р.С Македонија, извршната директорка Даринка Дамјановиќ додели плакети на Министерот за финансии, г. Фатмир Бесими и претседателката на Комисијата за хартии од вредност на Р. С. Македонија, г-ѓа Нора Алити.

Министерството за финансии имаше значајна улога во  основањето на Депозитарот, како координатор на целокупниот процес на востановување на тогаш сосема новата институција на пазарот на капитал.  Во наредниот период Министерството ја има улогата на издавач на државни хартии од вредност, при што во системот на Депозитарот досега биле регистрирани, водени и сервисирани 671 државен запис во вкупна издадена вредност од 668.349.570.000 денари, 299 државни обврзници во вкупна издадена вредност од 168.204.810 денари, 20 обврзници за денационализација во вкупна издадена вредност од 385.100.000 евра, обврзници за намирување на побарувањата на граѓаните по основ на депонираните девизни влогови како и останати структурни обврзници. Министерството и Депозитарот имаат тесна соработка за изготвување на легислатива од областа на пазарите на капитал, изработка на стратегии, односно двете институции заеднички придонесуваат во одржувањето и развојот на стабилен и модерен пазар на капитал.

Од друга страна, Комисијата за хартии од вредност на Р.С. Македонија е регулатор на работењето на Депозитарот. Двете институции бележат долгогодишна соработка преку заедничко учество на многу проекти и настани со што двете институции исто така придонесуваат во одржувањето и развојот на стабилен и модерен пазар на капитал. Стабилноста на Депозитарот како една од инфраструктурните институции на пазарот на капитал останува врвен заеднички приоритет на двете институции. Соработката на Депозитарот и Комисијата продолжува, во интерес на пресретнување и надминување на сите предизвици кои се карактеристични за индустријата со хартии од вредност и преземање на мерки со цел ефикасно остварување на правата на сите учесници на пазарот на капитал, односно инвеститори, издавачи, инвестициски друштва и други засегнати страни.

Овој месец, 20 годишниот јубилеј на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје ќе биде одбележан и со други активности насочени кон потенцирање на улогата на поединци  и институции кои придонесоа во нејзиното основање, раст и развој.

 

Треба да знаете
Последни објави