Search

Активисти на „Гринпис“ во обид да го блокираат бродскиот превоз

Активисти на „Гринпис“ денеска се обидоа да го блокираат бродскиот превоз во рафинеријата „Шел“ на пристаништето во Ротердам, како дел од кампањата против, како што велат, „зеленото перење“, односно лажното рекламирање на нафтената индустрија, која сака да се профилира како оние индустрии што се грижат за околината.

Во акцијата во Ротердам, пловилото „Белуга“, долго 33 метри, се закотви на влезот во делот на пристаништето кој е резервиран за „Шел“ каде што се наоѓа големата рафинерија „Пернис“, пренесува „Ројтерс“.

Портпаролот на рафинеријата, Марк Потма, рече дека компанијата го поддржува правото на групи да демонстрираат, под услов тоа да се направи на безбеден начин што, според него, не било така во денешниот случај.

„Демонстрантите се нелегално на нашиот имот, каде важат строги безбедносни прописи“, рече тој.

Портпаролот на пристаништето во Ротердам рече дека едвај имало сообраќаен метеж, но дека некои пристапи се блокирани.

„Поради акцијата два брода не можат да се натоварат или растоварат“, нагласи тој.

Како што пренесува „Ројтерс“, акцијата се случила кога активистите на „Гринпис“ и повеќе од 20 други еколошки групи започнале кампања против рекламирање низ Европа во врска со спонзорствата на бродските компании за нафта и гас, споредувајќи ги со штетната промоција на тутунот.

Групите рекоа дека ќе започнат протести и ќе соберат милион потписи од граѓани на Европската унија за да го изложат законот за забрана за рекламирање фосилни горива пред Комисијата на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави