Search

Царовска до студентите: Бидете посветени на студирањето и подгответе се добро за предизвиците што ве очекуваат потоа

По повод почетокот на новата академска 2021 – 2022 година, министерката за образование и наука, Мила Царовска, го посети Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што се обрати на првиот академски час упатувајќи порака до студентите да бидат целосно посветени на студирањето за да може добро да се подготват за животните предизвици што ги очекуваат по дипломирањето.

„Упатувам апел до вас студентите да бидете внимателни на предавањата, слушајте ги и почитувајте ги професорите и трудете се да ги надминете своите лични, но и нивните очекувања. Само така ќе станете генерација што успешно ќе ја добие својата битка и генерација што ќе биде носител на промени за подобро општество“, рече Царовска.

Таа додаде дека направени се низа промени во делот на стипендирањето студенти, а воведени се и нови мерки.

„Од оваа академска година месечните износи на повеќето од категориите студентски стипендии се значително зголемени, некаде дури и над 80 %. Еве, ова е добра можност да потсетиме дека пријавувањето за нив почнува токму денес, а деталите се објавени на веб-страницата на МОН“, рече Царовска.

Дополнително, додаде министерката, првпат е воведено и ново системско решение – субвенциониран студентски оброк, кое предвидува доделување средства кои препорачуваме да се користат за купување здрава храна и кои се во месечен износ од 2.400 денари, а се исплаќаат за 9 месеци во годината. Таа информира дека ова право веќе го остварија над 18 илјади тековни студенти за што во текот на денешниот ден ќе се реализира и првата исплата од вкупно 26 милиони денари, кои ќе се префрлат на сметките на студентите, а потсети и дека во тек е вториот рок за пријавување студенти од прва година, како и за оние што ги исполнуваат условите, но не успеале да го остварат правото при првиот рок.

„Исклучително е важно да споменеме и дека студентскиот стандард се подобрува и преку вложување во унапредување на условите на високообразовните установи и особено во студентските домови, чии услуги секоја година ги користат над 5.000 студенти, а кои во минатото беа заборавени. Денес, имаме конкретен проект за реконструкција на сите државни студентски домови и за постигнување современи стандарди за престој и целосна енергетска ефикасност до крајот на 2024 година за кој обезбедивме 25 милиони евра“, рече Царовска.

Министерката се осврна и на условите за студирање на Природно-математичкиот факултет, каде што, како што рече, состојбата значително се подобрува и од инфраструктурен аспект, но и се комплетира кадарот што во минатото недостигаше.

„Како Министерство даваме поддршка и спуштаме средства да се подобрат условите, а од почетокот на календарската година обезбедивме и 40-ина согласности за вработување млад кадар со кој се пополнуваат празнините поради кои многу часови и предавања порано остануваа нереализирани, така што сега ситуацијата е одлична, воедно овој факултет нуди и одлични можности за сите што го избираат, да имаат брз и успешен настап на пазарот на трудот бидејќи профилите се многу барани и потребни во општеството, па дури и имаме стипендии од 18.000 денари месечно за да ги стимулираме младите да се запишуваат на одредени студиски програми на ПМФ“, додаде Царовска.

Успешна работа и добро здравје Царовска им посака и на претставници на професорската и научната фела, при што рече дека верува, како и секогаш, дека ќе се заложат за создавање нова генерација студенти што барем за нијанса ќе биде подобра од сите претходни како предизвик што се поставува пред секоја академска година.

Треба да знаете
Последни објави