Search

ЕУ си дава капацитет да ги казни кршењата на човековите права низ целиот свет

Европската Унија во понеделникот на 7 декември си даде капацитет да ги казнува сторителите на „сериозни повреди на човековите права” каде било во светот, но одлуките ќе треба да бидат донесени едногласно од земјите-членки, јави дописникот на МИА.

Министрите за надворешни работи во понеделникот го одобрија „Акциониот план на Европската унија за човекови права и демократија” и оваа нова рамка на санкции, на пример, може да се користи во случаи на тортура, ропство или систематско сексуално насилство. Но, овие мора да бидат „сериозни повреди” и оваа одлука е оставена на проценка на земјите-членки.

Одговорните ќе бидат казнети со забрани за влез во ЕУ и замрзнување на нивните средства во Европа, како и со сите режими на санкција во ЕУ. Рамката за санкции против виновните за кршење на човековите права е со глобален обем. Луѓето или субјектите прогласени за виновни за сериозни повреди на човековите права можат да бидат гонети и казнети каде и да се наоѓаат во светот.

Во моментов, ЕУ има режими на санкции за секоја земја, како што се оние за Белорусија или Русија, и три специфични режими за санкционирање за употребата на хемиско оружје, сајбер напади и тероризам. Осум блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин, обвинети од ЕУ за вмешаност во труењето во Русија на рускиот противник Алексеј Навални, беа санкционирани на 15 октомври во рамките на режимот за хемиско оружје. Нивните имиња се ставени на список во кој има и Сиријци виновни за истите дела.

Режимот на човекови права е нов специфичен режим. Но, земјите-членки ги ограничија првичните амбиции на Комисијата и шефот на европската дипломатија Жосеп Борел. Особено беше одбиено откажувањето од правилото за едногласност, кое го бранеше претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за да го олесни и забрза донесувањето на одлуките.

-Правилото што преовладуваше неколку години во врска со усвојувањето на санкциите беше практика на едногласност. Нема промена од оваа практика, објаснија претставниците на земјите-членки.

Новиот режим „не е копија од законот Магнитски”, (акт на Магнитски донесен во 2012 година во САД за борба против неказнивоста на меѓународно ниво) и идејата да му се даде името на противникот Русинот Алексеј Навални, предложен од Жозеп Борел пред Европскиот парламент, беше одбиен.

-Се надеваме дека овој нов режим може во иднина да се прошири и на акти на корупција како што е „Глобалниот акт Магнитски”, рече литванскиот министер Линас Линкевичиус.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, смета дека усвојувањето на новиот режим на санкции може да се смета за „предупредување” за Турција во изјавата пред почетокот на состанокот. Неговиот германски колега Хајко Маас (СПД) ја поздрави оваа иницијатива: „оние кои мачат или се одговорни за трговија со луѓе не ќе можат повеќе да купуваат во Европа без да се грижат за иднината”. Новата рамка за санкции на ЕУ важи три години и потоа таа треба да се продолжи.

Треба да знаете
Последни објави