Search

Спречен обид за атентат врз ерменскиот премиер

Ерменија спречила обид за атентат врз премиерот Никола Пашинјан и преземање на власта од група поранешни функционери, објави Службата за национална безбедност (НСС).

НСС соопшти дека се уапсени нејзиниот поранешен шеф Артур Ванечјан, поранешен лидер на парламентарната фракција на Републиканската партија Ваграм Багдасарјан и командант на доброволниот одред „Ашот Еркат“, Ашот Минасијан, објави Ројтерс.

„Осомничените планираа незаконски да ја узурпираат власта со атентат врз премиерот и веќе се зборувало за потенцијални кандидати кои ќе го заменат“, се вели во соопштението на НСС.

Граѓаните на Ереван веќе неколку дена протестираат против постигнатиот договор за примирје во Нагорно Карабах.

Пашинјан порано оваа недела рече дека нема друг избор освен да го потпише договорот за да се спречат натамошни загуби на територијата.

Тој исто така рече дека презема лична одговорност за неуспесите, но ги одби повиците за оставка.

Примирјето ја запре воената акција во и околу Нагорно Карабах, енклава меѓународно призната како дел од Азербејџан, но населена со етнички Ерменци. Според договорот, 2.000 руски мировници се распоредени во регионот.

Од раните 90-ти, етничките Ерменци имаат воена контрола врз целиот регион Нагорно-Карабах и значителни делови од територијата на Азербејџан што го опкружуваат. Тие сега изгубија поголем дел од самата енклава, како и околната територија.

По објавувањето за предавање на некои територии на спорната област на Азербејџан, Ерменците кои живеат во градот Карвачар во Нагорно Карабах одлучија да ги напуштат своите домови и да го запалат својот имот.

Треба да знаете
Последни објави