Search

Собраниската спикерка Вјоса Османи е в.д. претседателка на Косово по оставката на Тачи

Претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи, ќе биде вршител на должноста претседател на државата, откако досегашниот претседател Хашим Тачи денеска поднесе оставка на функцијатаСогласно Уставот на Косово, Османи ќе ја врши должноста, не подолго од шест месеци, до именувањето на нов претседател на државата, кој се избира од Собранието.

За таа функција може да се номинира кандидат или кандидатка на предлог на 30 пратеници, а еден пратеник може да потпише предлог само за еден кандидат.

Изборот на претседател се врши со две третини од гласовите на сите пратеници во Собранието. Доколку ниеден од кандидатите не ги добие потребните гласови, тогаш во третото гласање се избира со просто мнозинство еден од двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во претходните гласања.

Хашим Тачи, кому петгодишниот мандат му истекуваше во мај идната година, денеска поднесе оставка, откако беше потврдено обвинението против него од Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг.

Тачи е еден од основачите на Ослободителната војска на Косово, а во време на косовско-српската војна беше нејзин политички директор.

Треба да знаете
Последни објави