Во Шпанија пронајден половина тон кокаин, полицијата го поврзува со балкански картел

Двајца српски државјани на возраст од 37 и 36 години се уапсени во Шпанија во акција во која се запленети 560 килограми кокаин.

Според тамошните медиуми, тие од претходно ѝ биле познати на полицијата.

Во оваа акција, што ја спровеле шпанската полиција во соработка со американската агенција за борба против дрога (ДЕА), наречена „Династија“, уапсени се и четворица шпански државјани, објави шпанскиот „Гласот на Галиција“, додавајќи дека се верува оти оваа криминална група е поврзана со таканаречениот „балкански картел“.

Шпанските медиуми пишуваат дека се уапсени членови на групата „Слаткари“, која работи во Ријас Бајкас во Галиција, а ја води Херардо Ријал Иглесијас (41).

Постојат сомнежи дека тој шверцувал дрога 25 години во соработка со балканскиот картел, објави шпанската цивилна гарда.

„Гласот на Галиција“ понатаму наведува дека обвинителството смета оти криминалните групи поддржани од луѓе од Источна Европа добиваат сè поголемо значење при увозот и дистрибуцијата на кокаин од Латинска Америка.

„Поради својата местоположба, брегот на Галиција стана една од клучните точки за влез на кокаин во Европа. Балканскиот картел има и свои луѓе во Јужна Америка, така што тие не користат посредници при купување кокаин, а во Шпанија имаат мрежа на соработници”, пренесува медиумот изјава од шпанската полиција.

Во однос на запленетите 560 килограми кокаин, „Гласот на Галиција“ пишува дека дрогата била пронајдена во изнајмена куќа во Галиција, а нејзината вредност се проценува на 15 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави